Тајм

Се работеше во мала и топла просторија. На судбоносниот ден минатото лето, Кејти Буман заедно со тројца истражувачи работеа во мала просторија на универзитетот Харвард, далеку од љубопитните очи, за да ја видат сликата која со години се чекаше.
Истражувачите од целиот свет ги здружија силите за да соберат огромно количество на астрономски податоци, доволни за да зафатат половина тон хард дискови, во надеж дека ќе ја направат првата слика на црна дупка во светот. За да го постигнат ова, на тимот му беа потребни алгоритми за обработување на сите хаотични и сложени податоци за да се добие една сеопфатна слика. Буман, која не е експертка по астрофизика, туку по информатика, беше дел од малата група на луѓе кои долги години ги развиваа и тестираа овие методи.

На тој јунски ден, податоците пристигнаа, а тимот на Буман се фати за работа да дознае дали со нивниот код може да се долови невидливото. Таа вели дека „заедно набљудувале како се појавувале сликите на нивните компјутери. Прстенот лесно се формирал и целиот процес бил неверојатен“.

Светот вчера го виде прстенот, виор на светлина и материја што ја откриваат сенката на невидливата маса, денот кога тимот од над 200 истражувачи ја претстави сликата на црната дупка што се наоѓа во центарот на галаксијата Мејсе 87 (М87). Меѓу другото, откритието го означи моментот кога луѓето како Буман конечно можат да ја споделат својата тајна со светот.

– Многу ни беше тешко да ја чуваме тајната. Дури ни на моето семејство не му кажав за сликата – вели таа.

Важноста на докажувањето

На социјалните медиуми вчера кружеше сликата на Буман како седи во малата, топла соба заедно со потсетниците дека важно е да им се оддаде признание на научничките. Иако Буман беше една од неколкуте жени кои работеа во тимот за телескопско набљудување на вселената, повеќето од нејзините колеги на проектот беа мажи. Иако ова не значи дека таа е позаслужна, затоа што Буман нагласува дека проектот бил „тимска работа“, таа стана иден пример за девојчињата кои немаат кому да му се огледаат, за разлика од нивните машки врсници. Општо земено, истражувањата покажуваат дека само околу 30 отсто од истражувачите во светот се жени.

Бума не знаеше ништо за црните дупки кога пред шест години му се приклучи на тимот. Таа имаше работно искуство во информатиката и електротехника, а се вклучи во проектот додека работеше на своите докторски студии по компјутерска визуализација. Нејзината страст е „изнаоѓањето начини за да се видат или измерат нештата што се невидливи“, па така, таа стана погодна кандидатка за да се обиде да создаде слика на црна дупка, поточно дел од вселената кој има толку силна гравитациска сила што привлекува сè, па дури и светлото.

Иако нејзиното работење на развивање на алгоритми беше од клучна важност за проектот, таа смета дека вистински придонес направил новиот начин на размислување, нагласувајќи дека „таа всушност ја вовела културата на тестирањето на сопствените капацитети“. Проектот вклучуваше експерти од сите научни средини од физичари до математичари, а таа работеше низ призмата на информатиката, потенцирајќи ја важноста на тестирањето на синтетичките податоци и внимаваше да нема пристрасност во методите што се користеа во создавањето на сликата.

– Стандардниот начин на кој се добиваат слики во радиоастрономијата е со помош на човек кој ги води методите во насока во која тој смета дека треба. Кога станува збор за вакви податоци, кои се толку ретки и толку хаотични, многу е тешко да се лоцира сликата и беше потребно огромно внимание – објаснува Буман.

Нејзината задача беше да се погрижи методите што се користеа во проектот да покажат слика на што точно се наоѓа во центарот на галаксијата М87, а не она на што тимот се надеваше.

За среќа се покажа дека се работи за истото. Буман се сеќава дека по првите тестови на тимот не му се верувало дека го гледаат прстенот. Иако со години работеле на овој проект, никој од нив не очекувал дека толку лесно ќе ја добијат сликата на прстенот, затоа што очекувале да видат само една дамка.

Повеќе од обично седење во лабораторија

Буман вели дека поголем дел од времето не размислува оти работи во област во која ретко има жени. Понекогаш размислува како да им се привлече вниманието на жените за оваа научна област. Едно решение е да им се покаже дека кога се работи во областа на информатиката или инженерството, работните обврски не се само градење на струјно коло и работа на компјутер.

Таа се потсетува на времето кога била во Мексико пред две години, каде што телескопите собирале податоци за галаксија оддалечена 54 милиони светлосни години, кои подоцна таа ги обработувала. Научна кариера значи „да се работи со луѓе од целиот свет, да се работи со телескопи на речиси 5.000 метри и да се вложи труд во создавање на првата слика на црна дупка“.

Буман сè уште е на почетокот на својата кариера. Таа работи на проектот додека истовремено ги завршува докторските студии на МИТ и наскоро ќе биде вонредна професорка на Калтек. Таа ентузијастички ги опишува сите други невидени нешта што можат да се регистрираат со вистинската комбинација на хардвер и на софтвер. Буман веќе работи на други начини за анализирање на малите сенки и одредување на материјалните својства на објектите на видео-снимки со мерење на ситни движења што не се видливи за човечкото око.

Таа исто така планира да продолжи да работи во тимот за телескопско набљудување на вселената што ќе вклучува додавање на сателитски чинии во вселената, на мрежата од телескопи кои се наоѓаат на Земјата, со чија помош беше создадена и објавена фотографијата. Со проширени видици и свежи сили, тие веројатно ќе сакаат да направат филм за црните дупки, покрај обичните слики.

– Оваа работа е многу интересна. Сè додека имате интерес и сте мотивирани да работите, никогаш нема да се плашите од неуспех – им порачува таа на следните генерации кои би сакале да имаат кариера како нејзината.

Подготвила: Билјана Здравковска