Наградуваниот ирски актер Кенет Брана ќе го глуми Борис Џонсон во нова мини телевизиска драмска серија за справувањето на Велика Британија со пандемијата на ковид-19, видено низ очите на британскиот премиер, пренесуваат светските медиуми.

Драмата на британската телевизија „Скај“ оригинално насловена „Sceptred Isle“ ќе раскаже некои од најстрашните моменти со кои се соочиле Велика Британија и премиерот Борис Џонсон, кој ја водел низ тие дотогаш невидени времиња. Приказната се заснова на изјави од стручни лица кои директно се вклучени во борбата со пандемијата, како министерот за здравство, научници и здравствени работници.

Серијата ќе има пет епизоди, а косценарист и режисер е Мајкл Винтерботом.

– Првиот бран на ковид-19 ќе се запамети засекогаш, време кога земјата се сплоти да се бори против невидлив непријател, кога луѓето беа повеќе од свесни за важноста на заедницата – изјавил Винтерботом.