Кенгурите можат да научат да комуницираат со луѓето на ист начин како и домашните кучиња, користејќи го својот поглед за да „покажат“ и да побараат помош, велат истражувачите во студијата на два универзитета од Сиднеј и од Лондон, која беше објавена неодамна.

Во студијата на двата универзитета биле вклучени 11 кенгури што живееле во затворен простор, но не биле припитомени. Според студијата, десет од единаесетте кенгури внимателно ги гледале истражувачите кога не можеле да отворат кутија со храна. Девет од нив наизменично гледале во човекот и кутијата, со тоа покажувајќи гестикулација.

– Ние го толкувавме ова како намерна форма на комуникација, односно како барање за помош – изјави Алан МекЕлигот, истражувач од Ирска, кој ја водел студијата.

– Од дивите видови навистина не се очекува да се однесуваат на ваков начин и затоа е изненадувачки – дообјаснува тој.

Наодите од овие истражувања ги оспоруваат досегашните тврдења дека само домашните животни како на пример кучињата, коњите или пак козите можат да комуницираат со луѓе. Истражувањата покажуваат дека постојат и други видови животни што можат да комуницираат со луѓето.

– Претходно мислевме дека само домашните животни се обидуваат да побараат помош за проблем. Но, сега утврдивме дека таква способност имаат и кенгурите. Поверојатно е да се работи за учено однесување кога се во соодветна околина – заклучува Александра Грин, од Универзитетот во Сиднеј, член на истражувачкиот тим во студијата.