Првата вечер на „Охрид-фест – Охридски“, кој годинава се одржува 26-ти пат, ја одбележа победата на Катерина Брезева и групата „Соната“ од Велес. Првото место од стручното жири и од публиката им го донесе баладата „Бовчалак“, која беше исполнета со многу емоции.

– Оваа година имаме преубава баладична песна и драго ни е што публиката ја прифати. Со оглед на тоа што настапуваме секоја година на убавата фестивалска бина, ние веќе традиционално сме дел од манифестацијата. Инаку, песната ја испеав со посебна емоција, бидејќи е прва мелодија со која настапувам јавно по породувањето – вели Катерина Брезева, вокалистката на „Соната“.

Впечатливи настапи на првата фестивалска вечер имаа и: Зоран Христов со „Само прошка не барај“, Петар Нечовски со „Во Трпејца под Галичица“, „Молика Оне“ со „Во виното е вистината“, Милован Секулоски со „Дар од небото“, Нино Величковски со „Човек оркестар“ и Благица Павловска со „Во Охрида сме сега“. Мини-шоу во паузата од гласањето имаше популарниот Благоја Грујовски, а негова специјална гостинка беше 92-годишната пејачка Добрила Чабриќ.

За постфестивалската забава се погрижија членовите на групата „Молика Оне“.
Цане Петров, кој седум фестивалски изданија е уметнички директор на фолк-вечерта, истакна дека за оваа година критериумот бил подигнат на повисоко ниво, како преку изборот на композициите, така и преку непосредна соработка со учесниците за самите аранжмани на композициите и изведбите.

Вчеравечер се одржа втората поп-вечер, чиј специјален гостин беше познатиот музичар од Србија Срѓан Марјановиќ. Во натпреварувачкиот дел, меѓу другите настапија и: Дуо Мaротов со „Љубов што ноќ ни краде“, Денис Димоски со „Јас без тебе се будам“, Зоран Рудан-Цеки со „Пустина“, Јасмин Лопез со „Некој рече збогум“, Александар Митевски и Драган Спасов-Дац со „Цреши охридски“, Филип Јордановски со „Моја засекогаш“, Огнен Здравковски со „Грев и казна“ и Биба Додева, која пееше „Како некогаш“.

Вечерва е на ред третата, интернационална фестивалска вечер, на која, освен победниците од поп-вечерта, меѓу другите ќе настапат: Маја Оџаклиевска, Аида Дочи од Косово, Теди Грубица од Хрватска, Рената Мохорич од Словенија, групата „Авенија“ од Бугарија, Толис Дамианос од Грција, Марко Кон од Србија, Славен Кнежовиќ од Црна Гора…
Фестивалот директно се пренесува на програмата на МРТ и на уште неколку регионални телевизии.