Карневалот во Рио де Жанеиро нема да се одржи ни во јули, објави градоначалникот Едуардо Паес. Бразил се соочува со силен втор бран на коронавирус, додека владата е под притисок поради бавното снабдување со вакцини.

Градоначалникот Едуардо Паес објави на Твитер дека е свесен за економските и културни придобивки што на градот му ги носи најпознатата светска забава, а која традиционално се одржува во февруари, но ќе биде невозможно таа да се случи дури и во средина на годинава.

– За мене нема смисла, од денешна гледна точка, да го одржиме карневалот во јули. Сакам да ве информирам дека нема да имаме карневал во средина на 2021 година – напишал тој.

На карневалот во Рио минатата година присуствувале 2,1 милион луѓе, што на градот му донело приход од 725 милиони долари. По 1912 година ова е прво одложување на карневалот.