„Лајф стрим“ ја претставува ударната прва постава на глобални и регионални музички ѕвезди, импресивен список на изведувачи, кои со своите ексклузивни настапи ќе го насочат вниманието на планетата кон проектот што фестивалот „Егзит“ го реализира во соработка со Светската програма за храна на Обединетите нации.
Од 3 до 6 септември на фамозната „Денс арена“, која ќе биде поставена на ридот спроти својата оригинална локација, програмата ќе ја предводат водечките актери на светската електронска сцена. Во живо зад диџејскиот пулт пристигнуваат технокралицата Шарлот де Вит и резидентот на култниот „Бергхаин“, Бен Клок, а виртуелно преку специјалниот екран, арената ќе биде домаќин на славниот Карл Кокс, добитникот на „греми“ и повеќекратен освојувач на титулите за најдобар светски диџеј, Пол ван Дајк, како и една од најголемите диџејски ѕвезди на денешницата, Нина Кравиц.

Покрај нив на Петроварадинската тврдина лично пристигнуваат Диџеј Тенис, Сатори, суперпопуларните хит мејкери „Офенбах“, Бурак Јетер и Махмут Орхан, како и младата ѕвезда во стреловит подем Еце Екрен. Посебно место во програмата и на бината зазема исклучителната постава на регионалните електронски велемајстори, меѓу кои се: Марко Настиќ, Илија Ѓоковиќ, „Лаг“, „Коес“, „Спејс Моушн“ и „Афтер Афер“ во специјален сет со Кристијан Молнар. Настанот „Лајф стрим“ во онлајн преносот преку официјалната интернет и фејсбук-страница на фестивалот „Егзит“ ќе може да го следат милиони луѓе низ светот, на кои за време на програмата ќе им бидат претставени и многубројни културни и туристички знаменитости на Нови Сад и на Србија.