Кога Карлос Сорија излегува од домот, за да тренира на планина во околината на Мадрид, носењето на заштитна маска му ги враќа спомените од Хималаите.
– Дишењето е тешко, па ме потсетува на времето кога сум на голема надморска височина – вели Карлос.
Овој 81-годишен човек очекува дека напролет повторно ќе го почувствува хималајскиот воздух. Доколку го оствари планот, ќе стане последниот човек што успеал да се качи на четиринаесетте највисоки врва на светот, а сите се повисоки од 8.000 метри. Карлос, тапетар во пензија, е роден во Авил, град северозападно од Мадрид, и планинари цел живот. Но во последните две децении со своите подвизи соборува низа планинарски рекорди поврзани со возраста, кои го направија единствен. Има освоено 11 од 14-те највисоки врва откако наполнил 60 години. На 62 години стана најстариот човек што се искачил на Монт Еверест. До 70 години ги има освоено највисоките врвови на сите седум континенти. Најголемо достигнување му е начинот на кој ги освоил врвовите.
– Најгорд сум на тоа што никогаш немам премрзнато и никогаш ме немаат спасувано. Секогаш се качувам и спуштам на моите две нозе – вели тој.

Се надевал дека уште лани ќе ја оствари целта, но ковид-19 му ги промени плановите. Освојувањето на последните два врва ќе им го посвети на жртвите од пандемијата.
– Сакам да им оддадам почит на сите луѓе во моите години што умреа од вирусот – луѓето што се во домовите за стари лица и кои се многу исплашени. Ќе понесам цвеќе и ќе го оставам на врвот, во чест на сите што ги загубија животите – изјави Карлос.
Моментално тренира на планинскиот венец во близината на Мадрид. Во домот има импровизирана вежбалница, во која има статичен велосипед, тегови, дури и мал ѕид за планинарење.

– Никој на светот нема направено нешто слично. Карлос не е старец на кој му е досадно откако е во пензија и решил да планинари. Тој е ветеран планинар, кој е сѐ уште активен, и не постои друг човек во кој било спорт што е активен на највисоко ниво шест децении – вели Сито Каркавил, геолог што се искачува со Карлос.
Карлос ги обезбедува средствата потребни за пролетната и есенската експедиција и се надева дека пандемијата нема дополнително да ги одложи. Пред две години го оперираше коленото, но инсистира на тоа дека неговата физичка подготовка не е проблем.
– Изгубив малку стабилност во нозете, малку сила, малку ментална острина. Но кога бев на Хималаите, никогаш не се чувствував како старец што ќе се обиде да се снајде. Старите луѓе често мислат дека играта за нив е завршена. Многу луѓе ќе речат добро, имам 70 години – и што, па тоа се убави години – вели Карлос.