Капетанот Том Мур од Велика Британија има 100 години и по успешната кампања за донации за здраствениот систем во Англија, почна нова акција со која сака да им помогне на оние кои се „осамени и исплашени поради карантин“, пренесува Би-би-си.

Мур собра 36,6 милиони евра во април за здраствениот систем во Англија, чекорејќи 100 круга во задниот двор на својата куќа во Бедфордшир, во пресрет на неговиот 100-ти роденден.

Мур доби почесна титула витез од кралицата, објави автобиографија и ќе се снима филм за неговиот живот.

– Во моментот сме во тешка ситуација, но ќе ја надминеме ако сме сите заедно – изјавил Мур.

Следбениците на кампањата се поканети да се приклучат со објавување на фотографии и видеа на кои тие шетаат, на социјалните мрежи, со назнаката „Шетај со Том“.

Овој пат, Мур собира пари за фондација за борба против осаменоста и за поддршка на оние кои ги изгубиле своите најблиски.

Стогодишниот Мур, роден во Западен Јоркшир, вели дека отсекогаш бил оптимист дека работите ќе се променат на подобро. Мур проценува дека овој карантин ќе биде тежок, но вели „дека ќе го надминеме“.

– Мора да бидеме свесни дека во наредниот период ќе имаме многу несреќни луѓе кои се осамени и исплашени и мора да се потрудиме да им помогнеме – вели овој воен ветеран, додавајќи „затоа ја имаме фондацијата Капетан Том“.

Фондацијата е основана во септември и соработува со четири истакнати добротворни организации во Велика Британија.

Ќерката на капетанот Том, Хана Инграм Мур, вели дека нивното семејство имало „среќа што биле во позиција да можат да ги слушнат другите и со тоа би можеле да се прават позитивни работи“.

– Сакаме да ги потсетиме луѓето дека сме Британци и дека можеме да го надминеме сето ова. Ги покануваме сите да прошетаат со Том за да им помогнеме на осамените – изјавила Инграм Мур.