Тим од канадски научници верува дека канабисот може да помогне во спречување, а потоа и лекување на ковид-19. Тие се фокусирале на одредени активни супстанции во канабисот, кои може да ја зајакнат заштитата на клетките од коронавирусот. Истражувачите од Универзитетот во Летбриџ се убедени дека некои активни состојки од канабисот може да помогнат да се спречи вирусот да навлезе во клетките на белите дробови, во кои потоа се размножува и шири. Тие посочуваат дека канабисот може да ги намали влезните места на вирусот до 70 проценти, пренесува „Њујорк пост“.

Според канадското истражување, канабидиолот или ЦБД ќе го промени нивото на АЦЕ2-рецепторите во телото за кои се врзува коронавирусот и преку кои влегува во човечкото тело, што би направило некое лице да биде помалку „пожелен“ домаќин на вирусот и, во теорија, да го намали ризикот од инфекција.
– Нашата работа може да има огромно влијание, бидејќи нема многу лекови што може да ја намалат инфекцијата за 70-80 проценти – се вели во студијата.

Од 800 варијанти на канабис, тие изолирале 13 екстракти за кои веруваат дека може да влијаат на нивото на АЦЕ2 во човечкото тело.
Научниците нагласуваат дека се потребни повеќе истражувања за да се докаже ефикасноста на канабидиолот.
– Сметаме дека во иднина подготовките на канабидиол би можеле да бидат додаток на третман или превенција во борбата против коронавирусот – вели научникот Олга Ковалчук.