Прицот Хари и Меган Маркл напролет ќе го почнат својот нов живот надвор од кралското семејство. Но, се чини дека кралската двојка во Канада нема да го добие пречекот што го очекуваше.

Војводата и војвотката од Сасекс соопштија дека имаат намера да го распоредат времето поминато во Велика Британија и Северна Америка. Но, како реагираат Канаѓаните на вестите за парот Сасекс што се преселил во нивната татковина?

Според најновата анкета од „Нанос Рисрч“, 77 проценти од Канаѓаните се изјасниле дека не би сакале да платат за безбедносните аранжмани на Хари и Меган затоа што тие не се во Канада како претставници на кралицата.

Двојката престојува во Канада уште од октомври минатата година, но тие сега се соочуваат со поостра реакција околу тоа кој треба да плати за нивните безбедносни мерки.

Само 23 отсто од 1.003 Канаѓани кои биле анкетирани, лично или преку телефон, го поддржуваат користењето на своите даноци за безбедносните аранжмани на војводата и војвотката од Сасекс.

Оние кои дадоа потврден одговор, се поделени во две категории.

Вкупно 10 отсто од испитаниците позитивно се изјасниле за покривањето на дел од трошоците за обезбедувањето од страна на канадските даночни обврзници, а четири проценти изјавиле дека не се сигурни.

Канадските власти навестија дека се водат дискусии околу тоа кој треба да ги покрие овие трошоци откако Хари и Меган официјално го напуштија кралското семејство.

Дописникот на „Дејли експрес“, Ричард Палмер кој го следи кралскиот пар ја коментираше анкетата на Твитер, пишувајќи „луѓето во другите делови на светот се среќни и се восхитуваат на кралското семејство сè додека не им се побара да платат за нив. Што ќе мислат американските граѓани ако на крајот војводата и војвотката од Сасекс решат да се преселат и да живеат во Калифорнија?“.