Папараците што Хари и Меган ги носат со себе од Велика Британија претставуваат невообичаена појава за повеќето Канаѓани, според универзитетскиот професор Дин Џоб, кој е автор на „Законот за медиуми за канадски новинари“, пренесува „Инсајдер“.

– Агресивното однесување на папараците при работата поврзана со Меган и со Хари не е невидено во Канада, но сепак е невообичаено. Тоа значи дека тука има поинаков пејзаж во споредба со тој што го имале во Британија – истакна Џоб. 

Во јануари, Маркл беше фотографирана додека ги шета своите кучиња во јавниот парк на островот Ванкувер. Принцот Хари и Меган потоа преку своите адвокати упатија предупредување до медиумите кои објавија „неовластена“ фотографија на војвотката.

Без оглед на тоа дали законското предупредување на двојката се однесува на канадскиот или британскиот правен систем, Џоб додава дека ситуацијата покренала прашања кои во Канада претходно ретко биле разгледувани.

– Ова е нова територија во однос на законот за приватност и законот за медиуми во Канада – рече Џоб.

Адвокатот Дејвид Фрејзер посочи дека провинцијата Британска Колумбија има закон за приватност – статут што ги штити поединците од нарушување на приватноста. Сепак, тој додава дека она што претставува нарушување на приватноста е нејасно и во голема мера недефинирано.

– Една работа што вреди да се напомене е дека и покрај тоа што ги имаме овие закони, тие не се користеа толку често и не беа користени во контекст на јавни личности од кралското семејство. Можеби затоа што ние ја немаме истата култура на папараците во Канада – заклучува Фрејзер.

Тој смета дека повеќето Канаѓани, иако не се запознаени со агресивната култура на папараците што е својствена по пристигнувањето на кралската двојка во Канада, ќе имаат разбирање.

– Мислам дека многу луѓе би биле осетливи и сочувствителни со Сасексите кои доаѓаат во Канада, со цел, како што јас разбирам, за да се избегне ситуација како онаа што се случи со Дијана – рече Фрејзер.

Во првата недела кога Меган и Хари почнаа да живеат на островот Ванкувер, возач на такси одбил да однесе јапонска ТВ-екипа во приватна резиденција за која се смета дека е во сопственост на Сасексите.

Како и да е, разумно е да се претпостави дека многу луѓе кои живеат во Канада, без разлика дали се наоѓаат на островот Ванкувер или на друго место, ќе пројават природна љубопитност во врска со тоа каде се Маркл и принцот Хари во нивното ново поглавје од животот.