Уметниците, како и другите јавни личности, се значаен дел во издигнувањето на свеста кај народот во овие тешки времиња на борба против коронавирусот. Калиопи овие денови, кога заемно си недостигаат со својата публика, е една од првите што почна да комуницира со нив и, вклучувајќи се во живо преку социјалните мрежи, од својот дом, да ги анимира низ песна и разговор, внесувајќи љубов и оптимизам во нивните домови.

Почитувајќи ги љубовта и повратниот одговор на луѓето, кои со нетрпение го очекуваат секое нејзино следно јавување, таа дојде до прекрасна идеја, која во текот на месецот ќе ја реализира со својот креативен тим. Имено, преку пеење, музицирање, танцување и цртање, поврзани на тема со некоја од нејзините одбрани песни на Јутјуб-плејлиста, ќе се организира креативен онлајн-натпревар „Калиопи фан арт“ за нејзините следбеници низ светот.

– Драги мои, изминативе неколку седмици се обидов да ве обојам со мојот шарен свет од музика и емоции, да ве внесам барем виртуелно во мојот дом. Сакав за момент да ве однесам подалеку од секојдневието и сето неубаво да го надминеме преку песна. И тогаш сфатив колкави можности и креативност поседува секој од вас. Затоа одлучив, со помош на мојот тим, да создадам место за вашите креативни мигови и истовремено да бидеме поблиску иако сме оддалечени едни од други, под мотото „Седи дома“ – вели Калиопи.

Во текот на април сите креации ќе бидат објавувани на нејзините социјални мрежи, предвидени се навистина примамливи награди за победниците по четирите категории, како што се часови по пеење од Калиопи, учество на нејзин концерт и спот, дизајн на нејзин ковер-сингл, а главната награда ќе биде викенд во Македонија и дружење со неа.