Македонската поп-дива Калиопи деновиве е многу ангажирана со подготовките за својот голем концерт во Белград, кој ќе се одржи на 9 ноември, во „Комбанк арена“, а ќе почне во 20 часот. Минатогодишниот концерт на Калиопи во српската метропола медиумите го опишаа како „магија на Калиопи“ и „спектакуларен музички настан“, а најавуваат дека годинава средбата со неа ќе биде уште поспецифична и понезаборавна. Препознатлива по исклучителната моќна и емотивна интерпретација, како и по посебната енергија и шарм со кој зрачи од сцената, но и по големиот број хитови, меѓу кои се „Бато“, „Кофер љубави“, „Знам да те волим“, „Црно и бело“, „Вучица“, „Мрвица“ и многу други, таа на секој свој концерт остварува посебна врска со публиката, која трае и е сѐ поцврста на секоја следна средба. Калиопи неодамна реализира две одлични турнеи во Босна и Херцеговина и во Србија и, како што вели, и физички и психички е подготвена повторно да им ги стопли срцата на белграѓани.