Рон Сталворт со членската карта на Кју Клукс Кланот

Неверојатната приказна на црномурестиот полициски детектив Рон Сталворт кој успеал да се инфилтрира во Кју Клукс Кланот (ККК) во Колорадо Спрингс, САД, е претставена во новиот игран филм „Црниот член на Кланот“ на режисерот Спајк Ли, пренесува „Бизнис инсајдер“.

Сталворт, чиј лик во филмот го глуми Џон Дејвид Вашингтон (син на Дензел Вашингтон), ја покренал истрагата против Кланот во 1979 година, откако забележал оглас во весник, на кој се јавил, пишувајќи ја пораката „ги мразам црнците, латиноамериканците, жолтите, Евреите и сите останати кои не се чисти ариевци како мене“. Сталворт набргу добил телефонски повик од водачот на локалниот огранок на ККК кој побарал да се сретнат откако ја видел неговата порака.

Тогаш Сталворт добил идеја да испрати негов колега белец, за да му се придружи на Кланот во негово име. Поручникот познат под името Чак присуствувал на состаноците на ККК, претставувајќи се како Рон Сталворт. Благодарение на вештата измама, детективот Сталворт добил членска карта и сертификат дека е припадник на организацијата што шири расна нетрпеливост, во јануари 1979 година, која ја чува во својот паричник оттогаш. Членската карта е потпишана од Дејвид Дјук, тогашниот национален директор на Кланот.

Тајната истрага дала резултати во текот на нејзиното траење од седум месеци. Биле спречени три палења на крстови (практика на ККК која е сметана за облик на тероризам во САД), а биле откриени и двајца членови на Кланот кои работеле во Северноамериканската команда за воздушна одбрана (НОРАД). Истрагата завршила кога Чак бил номиниран за претседател на локалниот огранок на ККК.

На Сталворт му било забрането да контактира со Кланот, а добил наредба и да ги уништи сите докази за истрагата, што тој сепак не го сторил. Детективот молчел за неговиот потфат се до 2006 година, а ја објавил книгата „Црниот член на Кланот“ во 2014 година. Сега приказната е повторно актуелна со филмското остварување на Спајк Ли.

Актерите Адам Драјвер и Џон Дејвид Вашингтон (десно) во сцена од филмот „Црниот член на Кланот“