Половина век од култната британска ТВ-серија

Серијата стекна огромна популарност и успех во светот и имаше големо влијание
на модерниот хумор и на популарната култура

Британските телевизиски гледачи, тој 5 октомври 1969 година, доживеаја големо изненадување. Во терминот за вечерна забава почна емисија во која се оценуваше смртта на Џингис-хан, слушнаа за оглас за путер со вкус на мртов рак, и видоа како возбудени спортски коментатори во живо пренесуваат како слика Пабло Пикасо возејќи се низ Англија…

Тоа беше првата емисија на „Летачкиот циркус на Монти Пајтон“. Кон крајот на 1960-тите години, кои ги обележаа расни немири, студентски протести, политички убиства, студена војна, Вудсток, првото слетување на Месечината и појава на врвни кантавтори – веројатно ништо не можеше веќе да биде ново и неочекувано. Сепак, на Грахам Чепмен, Џон Клиз, Тери Гилијам, Ерик Идл, Тери Џонс и Мајкл Палин, креативците што го создадоа „Монти Пајтон“, тоа им успеваше од недела на недела. Кога Џон Клиз облечен во смокинг ќе изговореше „а сега нешто сосема поинаку“ (исмејувајќи ги водителите на Би-Би-си), беше сосема во право.

– За голем број гледачи таквиот хумор бил неопходен за да се преживеат 1970-тите, а да не ги споменуваме 1980-тите. Во тој период „Монти Пајтон“ пронајде своја публика, се вовлече во колективната свест и стана една од најуспешните и највлијателни институции на комедијата во 20 век – пишуваат во книгата „Монти Пајтон и филозофијата“, Гари Л. Хардкастл и Џорџ А. Реич.

Годинава се одбележува 50-годишнина од почетокот на прикажувањето на „Летачкиот циркус на Монти Пајтон“. Снимени се вкупно 45 епизоди, кои до денес се своевиден феномен, а нивниот хумор со текот на времето воопшто не загуби од актуелноста.

Напротив, можеби денес нивните апсурдни шеги ни се попотребни од кога било.

И Хрватот Сергеј Гргуриќ, кој се занимава со филм и телевизија, како режисер, автор и сценарист, на овој глобален феномен му ја посвети книгата „Радикалниот циркус на Монти Пајтон“, објавена во 2008 година. Според него, серијалот бил новина во светот на хумористичните продукции наменети за ТВ-програма. Таа новина може да се смета за радикална поради длабоката непомирливост што ја воведува во телевизискиот хумор, како и поради изборите што се однесуваат на формата и понудената содржина.

Преку телевизискиот медиум пајтоновци во масовната комуникација воведуваат тип хумор, кој поради својата провокативност порано не бил прифатен.

Ќе кажеме како серијалот го добил името. Би-би-си инсистирал да биде „Летачки циркус“, додека авторите сакале да додадат уште нешто што може да сугерира на апсурдност и луцидност.

– Седевме во еден бар и Ерик (Идл) рече: „Може ли тоа да биде некој запуштен шоубизнис-агент, нешто како Монти?“ Џон (Клиз) тогаш додаде: „А што велите за нешто опасно, заканувачко, како Пајтон?“ И одлучивме тоа да биде Монти Пајтон – вели Мајкл Палин.

Оригиналноста на она што се нарекува пајтон-стил се состои од скечови што често се сметале за бесмислени и меѓусебно неповрзани, а понекогаш некои од нив немале ни крај. Тоа е резултат на необичниот креативен процес на пајтоновци.

– Доколку сметавме дека премногу се заморувавме со крајот на некој скеч, едноставно го прекинувавме – вели Џон Клиз.

За визуелниот идентитет на серијалот препознатливи се надреалните анимации на Тери Гилијам, кои до денес останаа нивен белег. Во текот на емитувањето на серијата пајтоновци снимија и долгометражен филм со наслов „А сега нешто сосема поинаку“, колекција од постари скечови, повторно снимени, со додавање на оние што биле исфрлени од емисиите. Бидејќи серијата се емитувала четири сезони сите биле преморени, па неколкумина од групата признале дека пред крајот имало голема напнатост меѓу нив, особено бил проблематичен Чепмен, кој тогаш бил алкохоличар.

Клиз рекол дека „е невозможно да се работи со него“ и ја напуштил серијата, па последната сезона била снимена без него. Постојаното барање на британската публика за нови епизоди довело до нивно реобединување и снимање на филмот „Монти Пајтон и Светиот грал“ за легендата на кралот Артур, кој бил одлично прифатен од публиката. Потоа групата се растурила, а од сите нив само Џон Клиз со серијата „Безобразни кули“, постигнал позабележителен успех. Повторно се собрале за снимањето на филмот „Брајановиот живот“ (1979), за несудениот пророк од времето на Исус, по што следувал филмот „Смислата на животот на Монти Пајтон“, последниот голем проект на пајтоновци.

Култната серија стекна огромна популарност и успех во светот и имаше големо влијание на модерниот хумор и на популарната култура. Наспроти тоа, што од почетокот на прикажувањето помина половина век, името „Монти Пајтон“ сѐ уште има посебно значење за повеќето љубители на хумористичните серии, а за неговата актуелност говори и фактот што сѐ уште серијата има многу имитации и посвети.