Многу европски метрополи се соочуваат со загаден воздух, но Лондон служеше како повик за будење за многумина. Денот кога смогот го „проголта“ градот, на 5 декември 1952 година, во британската престолнина осамна чисто, но многу студено зимско утро. За да се греат, граѓаните, како и обично, ги полнеа печките во своите домови со јаглен и со тоа се грееја. Чистото небо полека се затемнуваше и маглата се спушташе. Маглата и смогот не беа чудна појава во Лондон, тогашна светска престолнина на индустријата и првиот милионски град во светот. Од оџаците на многу фабрики секој ден излегуваше густ и црн чад.
Смогот ги проголта катедралата „Свети Павле“, „Биг бен“ и Лондонскиот мост. И остана таму во наредните пет дена, со последици не само за општеството во Велика Британија туку и за целиот свет.
Во првите денови, жителите на Лондон се обидоа да продолжат со своите секојдневни активности, но наскоро сфатија дека тоа е невозможно. Според некои извори, смогот бил толку густ што граѓаните не можеле ни да си ги видат стапалата при одење. Според официјалните податоци, „големиот смог“ однел дури 4.000 животи за само пет дена, додека повеќе од 100.000 луѓе се разболеле. Сепак, неодамнешното истражување покажа дека последиците всушност биле многу потешки. Во 2004 година, студијата беше објавена во списанието „Еколошки здравствени перспективи“, во кое научниците наведуваат дека месеци по „големиот смог“, други 6.000 луѓе починале како резултат на загадениот воздух.

Проблемот со загадувањето на воздухот и неговото решавање станаа главна тема во Велика Британија во следните години. По големата трагедија во декември 1952 година, парламентот на Велика Британија донесе одлука да не дозволи да се повтори ваков настан. Беа донесени закони со кои се регулира бизнисот во индустрискиот сектор, но и влијанието на поединците врз емисиите на гас. Првите закони донесени во тие години беа законите за чист воздух од 1956 и 1968 година. Тие го ограничија согорувањето на јагленот во урбаните области, а на локалните совети им беше дадено овластување да основаат зони без чад. Во исто време, сопствениците на куќи добија грантови за префрлање од јаглен на алтернативен систем за греење.
„Големиот смог“ во Лондон може засекогаш да му служи на човештвото како јасен потсетник на многубројните негативни последици што произлегуваат од неконтролирано загадување на воздухот.