Откако мини-серијата „Чернобил“ на ХБО се стекна со светска популарност и ги потсети сите за катастрофалната несреќа пред 33 години, илјадници туристи го одбраа токму ова место како дестинација за патување. Но, туристите понекогаш се однесуваат несовесно и без почит, со што туристичките агенции се загрижени, а други пак, се навредени од непочитувањето на трагедијата. Проблеми има и од таканаречените „сталкери“ , кои понекогаш со месеци престојуваат во шумата на Чернобил, пренесува „Гардијан“. 

Туристите, привлечени од таканаречениот „мрачен туризам“ патуваат до Чернобил, каде уживаат во морбидните напуштени места, а сега можат да купат и разни сувенири како што се „радиоактивен сладолед“ и „радиоактивен воздух“ сочинет од одамна заборавениот мирис на напуштени бетонски конструкции од Советскиот Сојуз и влажноста на неговите подруми измешани со розите на Припјат.


Но, колку што туризмот носи профит, има и свои негативни страни.

– ХБО не направи ништо позитивно со адаптацијата на „Чернобил“. Вистинската слика е многу поинаква – вели Сергеј Иванчук, сопственик на туристичката компанија „Соло Ист“ . Тој воопшто не е задоволен од настанатата ситуација со која се соочува поради ненадејната популарност на серијата.

Тој веќе 20 години ги одржува туристичките тури, но е згрозен од плановите на украинскиот претседател Влодимир Зеленски местото да биде претворено во „рајска туристичка атракција“. Тој исто така одбива да ги прекине турите во Чернобил, со изговор дека сака туристите да ја видат вистинската слика, а не онаа претставена во популарната мини-серија.

Иванчук е фрустриран од последиците на туристите во Чернобил. Насекаде има графити со вулгарна содржина, а исто така на одредени површини се поставени „љубовните катанци“ (катанец со иницијалите на заљубените кој ја симболизира нивната љубов, најчесто закачен на ограда на мост или друга јавна површина н.з.). Тој е многу навреден и од лошите сувенири кои се направени за профит.

– Катастрофата што предизвика смрт на илјадници луѓе треба да биде третирана со почит. Никој не би направил магнети со гасните комори од Аушвиц – вели тој.

Друг голем проблем се камперите, наречени „сталкери“, кои не се дел од официјалните туристички тури, но поминуваат долго време во туристичките зони и околната шума, објаснува Иванчук. Тие честопати се обвинети за штетите.

– Чернобил претставува втор дом за нас. Ние овде се релаксираме и уживаме во пост-апокалиптичната атмосфера. Ние сме „сталкери“, не сме вандали (збор употребен и земен од серијалот на видео-играта „Сталкер“, сместена во Чернобил по нуклеарната катастрофа, н.з.).

Сцена од видео-играта „Сталкер“.

Од октомври, реакторот број четири во нуклеарната централа во Чернобил, кој  експлодираше на 26 април 1986 година, за првпат беше отворен за туристите. Тие сепак мораат да носат заштитни одела во просторија во која нивото на радијација е дури 40.000 пати поголемо од дозволеното. За верме на дозволените пет минути престој, посетителите најчесто се снимаат себеси како рекреираат познати сцени од мини-серијата.

Петминутниот престој во реакторот број четири завршува со проверки на нивото на радијација во нивните тела.