Покрај тоа што камилите имаат начини како максимално да ја искористат водата што ја пијат, нивните грпки не се дел од тој процес. Грпките всушност им служат за складирање маснотии, објавува „Лајв саенс“.

Според Рик Шварц вработен возоолошката градина во Сан Диего, камилите поминуваат низ суви периоди кога нема многу храна и вода. Поради тоа кога имаат храна, камилите јадат доволно за да соберат резерви во грпките со кои може да преживеат кога храната им недостасува. Кога грпката е полна камилата може да преживее четири до пет месеци. Малите камили не се раѓаат со масни наслојки туку им растат подоцна, кога ќе наполнат скоро една година. Има камили со една и камили со две грпки. Но според Шварц дополнителната грпка не собира дополнителни масни наслојки.

Неколку теории постојат за објаснување на уникатниот начин на складирање маснотии на камилите. Една од нив го објаснува со тоа што камилите го положуваат стомакот директно на песокот кога лежат и затоа е потешко да се таложат маснотиите околу стомакот па тие се таложат на грбот.

Складирањето на водата кај камилите се објаснува со фактот што една камила одеднаш може да испие до 114 литри вода, а го исфрла сувиот измет за да ја зачува водата во телото и за да може да се задржи што подолго. Друг начин како камилите штедат вода е и собирањето на влагата од воздухот при дишењето.