Неверојатната историја на баркодот

Појавата на баркодот, направена пред четири децении, го смени начинот на живеење на луѓето, а неговиот дизајнер не ни претпоставуваше какво влијание ќе има на целиот свет. Зебра-баркодовите можете да ги видите насекаде околу вас, на сите работи што сте ги купиле во продавница, книжарница или на интернет. Тие ги олеснуваат животот и купувањето, кое од нивното појавување стана многу побрзо, пишува „Дојче веле“.
– И покрај сите технолошки достигнувања, тивок триумф во 20 век во малопродажната индустрија доживеа баркодот. Малопродажбата можеби е едноставна, но не е лесна, а баркодот се покажа како компактен, елегантен и флексибилен – вели Џонатан Рејнолдс од универзитетот „Оксфорд“.
Баркодот е толку универзален што е тешко да се поверува дека некој го измислил. Тоа, врз основа на идејата на Норман Џозеф Вудланд, го направил американскиот инженер Џорџ Лаурер, кој го водел тимот одговорен за создавање универзален код за производите (скратено УПС) и за скенирање на опремата. Првпат се користел за пакување гуми за џвакање во супермаркет во Охајо, во 1974 година.

Баркодовите ја забрзале продажбата за 40 отсто

Прехранбената индустрија сакала да ја олесни продажбата, да ја направи побрза и попрецизна. Според извори од 1970-тите години, баркодовите ја забрзале продажбата за 40 отсто и откако почнале да се користат, цената повеќе не морало да се пишува на секој пакет или да се менува кога производот бил на попуст. Тоа ги спречило клиентите и да ги намалуваат и заменуваат цените на производите, а со развојот на напредниот софтвер, продажбата дополнително се забрзала. Без оглед на сите ветени придобивки, усвојувањето на баркодот било бавно. Трговците не сакале да издвојат средства за потребните скенери и не биле подготвени да дадат пари на технологијата, за која верувале дека нема да трае. Покрај тоа, многу клиенти се сомневале дека производот што го купиле може да се следи или дека ќе бидат измамени затоа што цената повеќе не била отпечатена на него. Наскоро се појавиле теории на заговор.
Сепак, во 80-тите години на минатиот век, универзалниот код полека почнал да се шири низ планетата, а и покрај фактот што неговиот изум станал дел од секојдневниот живот на милијарди луѓе, Лаурер не добил ниту денар за тоа. Компанијата за која работел дозволила јавна употреба на баркодот за да ја продаде својата опрема за скенирање.
– ИБМ не се обиде да ги патентира или да ги заштити своите симболи и кодови затоа што не сакавме нешто да ја забави нејзината имплементација како симбол на УПС. Ние им дадовме на индустриите да го користат – пишува Лаурер во својата автобиографија „Инженерството беше забавно!“.
За корпорацијата ИБМ, баркодот бил генијален потег, а за Лаурер, кој почина на 94-годишна возраст, во декември 2019 година, најважниот изум во неговата 36-годишна кариера.

Од кружен код до општопознатиот баркод

Создавањето на баркодот не било лесен процес. На почетокот на креирањето на кодот, ИБМ немала опрема за читање баркодови, поради што Лаурер почнал да креира код по своја слободна волја. Прво тој направил кружен код, но тој не бил практичен за печатење, па морал да смисли нешто поинакво.
Во наједноставната форма, баркодот е еднодимензионално склопување од 20 црни вертикални линии со различна дебелина и 29 бели празни места меѓу нив, кои се со различна ширина. Овие линии ги претставуваат броевите што се отпечатени под баркодот. Секој код содржи 95 парчиња бинарен код и одговара на информациите во базата на податоци.
Оригиналниот баркод бил прифатен од многу индустрии што биле во можност да ја променат неговата големина во согласност со нивните потреби.

Од едноставност до дводимензионалност

Иако првата генерација на еднодимензионален баркод се менуваше со текот на годините, основата остана иста, тој означува предмети и стоки што се продаваат.
– Од неговата прва комерцијална употреба, баркодот стана неопходна алатка за управување со глобалниот синџир на снабдување, овозможувајќи претходно незамислива транспарентност за локацијата и напредокот на стоките и материјалите – вели Алистер Милн, професор по финансиска економија на универзитетот „Лофборо“ во Англија.
Неговиот понатамошен развој, во насока на дводимензионален код, ја прошири употребата на баркодот. Овие кодови изгледаат различно и се состојат од правоаголници, точки, бои и геометриски форми, кои ги содржат потребните информации.
Најновата форма на баркод се користи за откажување картички, интернет-банкарство и за споделување информации со клиенти што можат да ги скенираат овие кодови со мобилни телефони. Глобалниот успех на баркодот ја демонстрира големата одговорност што ја има денешната технологија.
– Клучот е да се подобрат животните стандарди и целосно да се искористат дигиталната технологија и стандардизација. Универзалниот баркод и неговите наследници се добра илустрација за влијанието што го има денешната технологија – вели Милн.