Без разлика на сезоната, високи температури или студени денови, негуваните нокти и раце се секогаш „ин“ и нивното одржување не мора да биде толку комплицирано како што понекогаш изгледа. За да растат долги, цврсти и здрави нокти, важно е соодветно да се грижиме за нив, без да мораме да посетуваме салони за маникир и педикир.

Хидратација е еден од главните фактори кога станува збор за кожата околу ноктите. Хидратацијата е клучна и од внатре и од надвор. Кремите за раце, но и маслото за кутикули, специјализираните масла, но и природните масла од јојоба – ќе им ја дадат потребната нега и хидратација на вашите раце и ноктите.

Кога зборуваме за турпијање или стружење на нокти, важно е со што и како се прави тоа. Иако металните или стаклените турпии се многу ефикасни, „помеките“ турпии се најдобри за ноктите. Тие нежно ќе ги обликуваат врвовите и површината и ќе го спречат лупењето или пукањето на ноктите. Исто така, треба да имаме на ум дека секогаш треба да стругате со долги движења во една насока, а не лево-десно.

Отстранувањето на гел или траен лак секогаш најдобро е професионално да се прави во салон, за да не се оштетат ноктите со експериментални обиди. Обичните лакови може да се „отстранат“ дома, но средствата за отстранување на лакот треба да бидат без ацетон за да бидат што понежни за ноктите.

Во текот на изминатите неколку години на пазарите се појавуваат сè повеќе лакови за нокти кои не содржат хемикалии штетни за нашето тело и околината. Формулите без формалдехид, фталати и толуен стануваат сè попопуларни, од очигледни причини и имаат широк спектар на бои. Бидејќи токсичните состојки во лакови може да предизвикаат вртоглавица, главоболки и уште посериозни здравствени проблеми, изборот на нова генерација на лакови кои не содржат токсични хемикалии има корист не само за поздрави нокти, туку и за целото тело.

Здравјето на организмот започнува со здрава исхрана. Пиењето вода и намалувањето на внесот на алкохол, консумирањето разновидно и разнобојно овошје и зеленчук, јаткасти плодови, јајца, авокадо и слатки компири придонесуваат за раст на здрави и цврсти нокти.