Можеби докторот ве советувал дека е крајно време да започнете со вежбање или вашите најблиски упорно ве убедуваат конечно да станете од каучот или, пак, самите сфативте дека веќе не можете да продолжите по старо и решивте да изгубите тежина и да се доведете во форма. Како да изберете најдобар вид тренинг, да пронајдете мотивација што нема да ве напушти за кратко време и дали треба да се консултирате со лекар пред да почнете со вежбање?

Доктор
Ако не сте вежбале со години или последен пат сте трчале на час по физичко образование во средно училиште, добро е да направите лекарски преглед пред да започнете со вежбање. Ова ќе спречи можни повреди или, доколку има здравствен проблем како што е вродена срцева мана, да избегнете здравствени компликации. Вашиот лекар ќе ве извести кои вежби се најдобри за вас и ќе ви препорача соодветна исхрана ако имате прекумерна тежина, висок холестерол, висок крвен притисок или каков било друг проблем.

Напредок
Колку повеќе не сте во форма, толку е поочигледен вашиот напредок на почетокот, а вашата мотивација е сѐ поголема. Со редовно вежбање, телото го користи кислородот поефикасно и создава енергија потребна за градење на мускулите. По само неколку недели редовно вежбање, се зголемува бројот на митохондрии (одговорни за производство на енергија) во нашите клетки, така што вежбањето станува полесно и побрзо закрепнуваме по тренингот. Затоа е исклучително важно да истраете на почетокот и да создадете навика за вежбање што исто така се нарекува позитивна зависност.

Мотивација
Најголемата мотивација дефинитивно е здравјето. Повеќемина започнуваат со вежбање кога лекарот ќе им каже дека е крајно време и кога ќе ги почувствуваат ефектите на седечкиот начин на живот врз сопствената кожа. Срцев удар, мозочен удар, проблеми со ’рбетот се само некои од последиците на неактивниот живот. Наместо да ги санирате последиците, заштедете го вашето здравје и започнете веднаш.

Време
Кога воведуваме некоја нова содржина во нашите животи, треба да најдеме време за тоа. Недостиг од време е најчестиот и најлош изговор за невежбање. Еден начин да се дојде до тоа е групен тренинг во одредено време, зачленете се во блискиот спортски центар и бидете упорни додека тренингот не се вклопи во вашата дневна рутина.

Видови вежбање
За да останете упорни и редовно да вежбате, многу е важно да ви се допадне избраната активност. Ако не ви се допаѓа фитнес-центарот, немојте да се мачите со кревање тегови, затоа што така трошите многу енергија за да ја активирате волјата, а од тренингот го добивате минимумот.