Ако се сомневате или дури сте добиле потврда дека некој од членовите на вашето семејство се заразил со коронавирусот, има неколку мерки кон кои дефинитивно треба да се придржувате

Никогаш не може да знаете со сигурност дека некој во вашето семејство е заразен со коронавирусот додека не се тестира, но доколку тој покаже некој од вообичаените симптоми – треба да се претпостави дека тој е позитивен на ковид-19. Значи, ако вие или некој од вашето домаќинство имате симптоми како што се треска, температура, сува кашлица, губење на мирисот и вкусот, ненадејна дијареја, екстремна малаксаност, имајте на ум дека може да биде ковид-19.
Додека не побарате медицинска помош, а се сомневате дека сте под ист покрив со заразено лице, постојат правила што треба да ги следите.
Не приоѓајте на помалку од 2 метра од заразено лице, особено ако и лицето и вие не сте ги покриле устата и носот со заштитна маска.

Ако е можно, дајте им посебна просторија во станот/куќата.
Болното лице треба да кашла и да кива во крпа или маска за да ги задржи честичките на вирусот надвор од воздухот.
Мијте ги рацете често и темелно со сапун или алкохол.
Чистете ги површините редовно со средства за дезинфекција.
Не допирајте го лицето ако претходно не сте ги измиле рацете.
– Кога живеете со некого за кого мислите или знаете дека има коронавирус, треба да му дадете емоционална и физичка поддршка, а во исто време да избегнувате да го допирате, како и работите што тој ги допрел ако претходно не сте ги дезинфицирале. Честопати проверете како се, најдобро по телефон, за да не влегувате во собата, бидејќи нивната состојба може брзо да се влоши – вели Тами Ченг, доцент на Медицинскиот факултет во Мичиген.

Ако се појават некои од следниве симптоми, како отежнато дишење, болка во градите што не запира, конфузија, сина боја на усните или лицето, веднаш повикајте ја здравствената служба.
Ви наведуваме неколку чекори за тоа како да се грижите за заразен пациент на домашно лекување, т.е. оној што има поблага форма на болеста.

1. Инфицираното лице треба да остане во изолирана просторија од која не треба да заминува, освен да оди во тоалет. Дури и домашните миленици треба да поминуваат време надвор од таа просторија. Ако е можно, држете го прозорецот од собата отворен за да циркулира воздух.

2. По одењето во тоалет, секоја површина што ја допреле треба да се исчисти, така што другите членови на домаќинството ќе можат да го користат без никакви грижи. Не споделувајте чаши, чинии и прибор за јадење со заразен член.

3. Помогнете им да ги следат нивните симптоми, температурата треба да се мери неколку пати на ден.

4. Нека бидат секогаш хидрирани – потребно е задолжително да консумираат многу вода и други безалкохолни течности во текот на денот.

5. Бидете сигурни дека им е удобно и пријатно. Набавете им книги и списанија да читаат, компјутер или телевизор за времето побрзо да им помине.

6. Приготвувајте им храна, но не доаѓајте во контакт со нив. Оставете го послужавник со храна пред вратата на собата и кога ќе завршат со јадење, тие нека го направат истото тоа. Ако не можат да станат од кревет, тогаш не заборавајте да ставите маска над устата и носот кога ќе влезете во нивната соба. Темелно измијте ги садовите од кои тие јаделе, со врела вода и детергент.

7. Перете ги алиштата на заразениот одвоено од остатокот на алиштата. Дајте им канта во која ќе ги ставаат валканата постелнина, крпи, пижами и облека, а кога ќе ја наполнат до врвот, нека ја остават пред собата.

8. Дезинфицирајте ја куќата секојдневно или неколку пати на ден, доколку е потребно, особено оние предмети што ги допрело инфицираното лице – како рачки, прекинувачи, приклучоци, далечински управувач…

9. Заборавете на посетители! Ако треба да се видите со некого лично, најдобро е тоа да го сторите надвор од куќата и да одржувате растојание од 2 метри.

10. Користете ја технологијата за контакт со заразениот. Можеби ви се чини глупо да контактирате на телефон со некој што е во соседната соба, но само на тој начин може да бидете блиски со него, без опасност од ширење на инфекцијата.

11. Останете и вие дома. Бидете свесни дека лесно можете да се заразите со ковид-19, дури и ако немате симптоми. Затоа, прашајте ги претпоставените дали може да работите од дома и движете се што е можно помалку меѓу луѓето. Користете маски во продавница и во затворен простор, а ако е можно практикувајте да купувате преку интернет.

12. Пациентот, без разлика дали е тестиран или не, треба да остане дома и да нема физички контакт со никого најмалку седум дена откако целосно ќе престанат симптомите. Откако ќе закрепне, во просторијата во која престојувал се потребни темелно чистење и дезинфекција.