Некои апликации се вклучуваат без ваше одобрение, така што мобилните телефони лесно можат да станат џебни шпиони. Дозволите што ги бараат апликациите кога ги инсталирате на вашиот телефон, за да можете да користите микрофон или камера, ви се познати веќе долго време. Ако не дадете согласност за нив, можеби нема да можете воопшто да користите некои од апликациите или барем некои од нивните опции за кои е потребна комуникација. Меѓутоа, некои апликации имаат „повеќе злонамерни намери“, па затоа микрофонот и камерата ги вклучуваат без никакво одобрување. На тој начин вашите телефони лесно стануваат „џебни шпиони“.
Уште во 2018 година, повеќе од 250 апликации од продавницата „Гугл плеј“ беа обележани како такви што, преку микрофонот на телефонот, може да прислушуваат звуци во заднина, а потоа да сервираат реклами за вас, врз основа на она што претходно сте го зборувале.
Се разбира, постојат сеприсутни теории на заговор дека нашите телефони постојано и активно нѐ прислушуваат. Добрата вест во сето тоа е дека можете да преземете неколку едноставни чекори за зачувување на вашата приватност и за „замолчување“ на секоја сомнителна апликација.

1. Откријте кои апликации веќе имаат дозвола да користат микрофон и камера

Многу е лесно да се изведе ова преку опцијата „управувач со дозволи“ (Permission Manager), која се наоѓа во поставките, во менито за управување со апликации. Со управувачот со дозволи, можете да видите што им е дозволено на апликациите и на другите делови во вашиот телефон и да ја дозволите или да ја оневозможите употребата на микрофон или камера за одредени апликации.
Бидејќи сите апликации не се злонамерни, кога размислувате да дозволите или да оневозможите употреба на микрофон или на камера, доколку не сте сигурни за одредена апликација, размислете дали некогаш ќе ви треба да користите микрофон или камера. Така, лесно ќе одлучите на која треба, а на која не треба да ѝ ја оневозможите дозволата.

2. Симнете си апликација што следи кога микрофонот или камерата се вклучени

Кога станува збор за корисниците на платформата на Епл иОС (Apple iOS), тие наскоро, во рамките на самиот оперативен систем, ќе добијат можност да ја следат „работата“ на микрофонот и на камерата. Ова ќе биде овозможено со најновата верзија на иОС 14. Со тоа доаѓа и нова опција – индикатор за снимање (recording indicator), кој ќе ги известува корисниците дали или кога некоја апликација користи микрофон или камера. Контролниот центар исто така ќе ви овозможи да ги видите оние апликации што неодамна користеле микрофон и камери, и дали тие имаат нешто снимено.
Што се однесува до корисниците на Андроид, тие имаат пристап до апликацијата Аксес дотс (Access Dots), која ги има сите претходно наведени опции. Како и решението за иОС, Аксес дотс користи индикатори во аголот на екранот, кои се вклучуваат и исклучуваат за да ве известат кога некоја апликација користи микрофон или камера.

3. Постои и хардверско решение

Ако сè уште не се чувствувате безбедно поради можно следење, постојат и други опции, како што се физичко блокирање, односно оневозможување на снимањето. Така, секогаш можете да залепите лепенка преку предната или задната камера. Исто така, постојат цврсти футроли со лизгачки капак со кои се покриваат и предните и задните камери, кога не се во употреба.
Постојат и специјални блокатори за микрофони, кои користат 3,5-милиметарски приклучок за слушалки. Тие функционираат на тој начин што слушалките го блокираат микрофонот, така што самите слушалки можат да послужат како блокатор.