Речиси е невозможно да се избегне шеќерот, згора на тоа, едноставно го има толку многу и секогаш е скриен во храната што всушност цело време е присутен во нашето тело. Според Светската здравствена организација, препорачаната дневна доза е максимум 50 грама шеќер на ден, но сигурно секојдневно ќе ја преминувате без никакви проблеми. Најголемиот дел од шеќерот го добиваме преку разни засладени пијалоци, од кафе и чај, преку сокови, до енергетски пијалаци. Меѓутоа последиците од честото внесување шеќер се гледаат само неколку години подоцна и вклучуваат дебелина, дијабетес тип 2, замастен црн дроб, срцеви заболувања и воспаление на зглобовите.
Д-р Сју Хеикинен од Универзитетот во Калифорнија истакнува дека постојат два сигнала што укажуваат на веќе опасно внесување шеќер: постојаното чувство на вознемиреност и постојаниот замор. Бидејќи шеќерот е важен извор на енергија, тој не треба целосно да се елиминира од исхраната, освен ако не е препорачано од лекар.
– Иако постојат здравствени ризици со прекумерно внесување шеќер, тоа во никој случај не е отров – истакнува Хеикинен.
Доколку го ограничите внесувањето шеќер со избирање поздрави верзии како овесна каша, здрави преливи за салата и енергетски плочки, тогаш не мора да се лишувате од малку чоколадо одвреме-навреме. Експертите посочуваат дека умереноста е клучна. Тие советуваат храната што содржи додадени шеќери да се комбинира со храна богата со протеини, маснотии и растителни влакна. Секако, секогаш можете да побарате совет од вашиот матичен лекар или нутриционист, пишува „Ит дис“.