Вежбањето и физичката активност носат многу придобивки за телото на физичко и ментално ниво. Тие не само што служат за останување во форма и исфрлање на вишокот енергија и лошите состојки туку предизвикуваат и лачење ендорфин на крајот од активноста, што е важно за менталното здравје. И тоа е токму она што е важно во борбата против стресот, еден од главните проблеми на модерната ера.
Стресот се дефинира како притисок создаден од грижи за настани на кои не можеме да влијаеме или како последица на ситуации што ја земаат сета наша енергија и нѐ оставаат исцрпени. Секој до одреден степен доживува стрес, но во последната година и половина во светски рамки статистиката драстично се зголеми поради пандемијата на ковид-19.

Како може да помогне физичката активност?

Редовното вежбање е поврзано со подобро расположение, поздрав сон и поголема самодоверба, што влијае на тоа како го доживуваме стресот и како се справуваме со него. Сето тоа има врска со хормоните, бидејќи вежбањето го стимулира лачењето серотонин, допамин и окситоцин, кои позитивно влијаат на мозокот, бидејќи нѐ прават среќни. Овој ефект е поголем колку почесто вежбаме и имаме физички активности, а тоа исто така го намалува ризикот од висок крвен притисок и дијабетес. Друг аспект на тоа е што го поминуваме времето на отворено, гледаме други луѓе и на некој начин сме дел од заедницата.

Која физичка активност е најдобра?

Добриот одговор е дека не постои точен одговор. Имено, секоја физичка активност е добра за нашиот организам, под услов да не ја правиме исклучиво со сила и да не уживаме во неа воопшто. Во тој случај подобро е да се откажете од тој тип на вежбање и да пронајдете нов, кој ќе ви биде попривлечен. Ваше е да истражите дали тоа ќе бидат класични вежби, јога или некој нов спорт што досега не сте го пробале.

Дали вежбањето може да го зголеми стресот?

Физичката активност е еден вид стрес за телото, но доколку се примени правилно, одговорот на телото ќе биде позитивен. Важно е да не го ризикувате вашето здравје ако имате одредени проблеми и правилно да ги правите вежбите, а не сè да ве боли. Дури и кога ќе најдете физичка активност што ви одговара, не треба да претерувате, а секако и консултацијата со професионалец нема да ви наштети.
А ако имате проблем да најдете време за вежбање, знајте дека најважно е да започнете и да одвоите 15-30 минути барем неколкупати неделно. А можете и да ја поделите активноста на неколку пократки сегменти ако не можете да одвоите неколку часа одеднаш.