Иако на почетокот нарушувањето на сетилото за мирис и вкус се чини незначителен симптом во споредба со опасните симптоми на респираторна инсуфициенција, според сите релевантни истражувања, овие симптоми значително го намалуваат квалитетот на животот

Студија од 2020 година на шпански научници открила дека речиси 40 отсто од пациентите со ковид-19 имаат нарушување на вкусот или мирисот, а овој синдром го развиле само 12 отсто од заболените од грип. Една неодамнешна студија објавена во „Џурнал оф интернал медицин“ открива дека дури 86 од луѓето со умерен ковид-19 во 18 анкетирани европски болници имаат намален осет за мирис. Дали станува збор за оштетување на нервите и што може да ни помогне да го вратиме осетот за вкус и мирис, се само дел од анализите на доктор Ратко Прсташиќ, еден од водечките хрватски експерти за уво, грло и нос, раководител на Одделот за фонијатрија при Универзитетскиот болнички центар во Загреб.

1. Зошто пациентите го губат осетот за вкус и за мирис?
Губење на сетилото за мирис (аносмија) се јавува кај многу болести и состојби, најчесто кај настинки и други акутни респираторни инфекции, хроничен риносинуситис, полипоза на носот и траума на главата. Бидејќи сетилата за мирис и вкус во нашиот мозок се неразделно поврзани, многу често нарушувањето на сетилото за мирис доведува до делумно или целосно губење на вкусот (агеузија). Само неколку месеци по првата потврдена човечка инфекција со новиот коронавирус, се појавија научни трудови што ја поврзуваат болеста ковид-19 со симптомите на нарушувања на мирисот и вкусот кај многу пациенти, со преваленца до 85 отсто.

2. Дали вирусот на грип и настинка влијае директно на невроните?
Механизмот на нарушувања на мирисот кај повеќето респираторни вируси е назална опструкција, како резултат на оток на носната лигавица, поради што честичките од мирисот од вдишениот воздух не успеваат физички да го достигнат мирисливиот епител. Сепак, некои вируси, вклучувајќи го и вирусот на грип, понекогаш може директно да ги оштетат сетилните неврони на мирисливиот нерв. Во овие случаи нарушувањето на сетилото за мирис може да трае со месеци откако ќе се надмине инфекцијата.

3. Колку трае губењето на вкусот и на мирисот?
Кај повеќето пациенти сетилата за мирис и вкус се враќаат во нормала во првите недели по потврдена инфекција со коронавирус, но не и кај сите. Според студиите, две четвртини од пациентите закрепнуваат два месеци по надминувањето на инфекцијата, а по шест месеци, 95 отсто од пациентите со овие симптоми. Затоа, може да заклучиме дека околу 5 отсто од пациентите имаат долгорочно нарушување на сетилото за мирис и вкус по надминувањето на инфекцијата.

4. Зошто губењето на вкусот и на мирисот е опасен симптом?
Иако на почетокот нарушувањето на сетилото за мирис и вкус се чини незначителен симптом во споредба со опасните симптоми на респираторна инсуфициенција, според сите релевантни истражувања, овие симптоми значително го намалуваат квалитетот на животот. Продолжените симптоми може да доведат до развој на анксиозност, депресија, па дури и неухранетост.

5. Кој е изложен на опасност од трајно губење на чувството за вкус и за мирис?
Сè уште не е можно да се најде одговор на ова прашање во научната и стручната литература. Потребни се голем број дополнителни студии и подолг период на следење на пациентите за да се добие нов увид во можните фактори на ризик.

6. Како да се справите со губењето на вкусот и мирисот и каква е улогата на витаминот Б?
Некои претходни студии покажаа дека недостигот од витамин Б12 може да доведе до губење на вкусот и мирисот, па дури и до оштетување на меморијата. Анализите исто така покажаа дека недостигот од витамин Б2 (рибофлавин) е поврзан со развој на депресија. Новите студии покажаа дека витаминот Д може да влијае на сериозноста и времетраењето на болеста ковид-19, а во тек се студии за испитување на улогата на витамин Б.

7. Како пациентите да ги вратат сетилата за вкус и за мирис?
За да се врати сетилото за мирис што е можно поскоро, обично се користат локални антиинфламаторни лекови, како што се спреј за кортикостероиди во носот. Исто така, корисно е да се зајакне хигиената на носната празнина (често плакнење со изотоничен или хипертоничен раствор на морска вода), а некои лекари препорачуваат т.н. мирисни вежби, кои се состојат од интензивно душкање есенцијални масла (еукалиптус, каранфилче, роза …) неколкупати на ден, за да се поттикне повторното спроведување на импулсите преку дисфункционалниот мирислив нерв.