Музиката е многу корисна алатка за регулирање на нашето расположение. Таа веќе одамна е дел од човечките ритуали, а со развојот на уреди за нејзина репродукција, музиката е речиси сеприсутна во нашите животи. Ја слушаме во продавници, трговски центри, ресторани и на работното место, а многумина од нас го поминуваат слободното време со музика.

Музиката како лек

Музиката е наш сојузник во борбата против стресот и вознемиреноста, а нејзиниот терапевтски ефект е познат илјадници години. Шпанскиот крал Филип Петти (1705-1782), наводно, се ослободил од својата ментална болка со тоа што редовно одел во операта во период од десет години, а во Библијата е запишано дека Давид свирел харфа за кралот Саул за да ги ублажи неговите физички и ментални страдања.

Дружење низ музика

Музиката ги поврзува луѓето. Ги зајакнува нашите постојни врски со околината, а исто така игра важна улога во љубовните ритуали. Музиката со изразен ритам ги поттикнува луѓето да започнат да танцуваат едни со други, а музиката со стихови и рефрени за паметење и да запеат заедно.

Тажна музика

Дури и тажната музика може да има позитивен ефект врз нашата ментална состојба. Луѓето сакаат да слушаат ваква музика кога се тажни затоа што ги потсетува дека тие не се единствените што се соочуваат со проблеми или последици од некој непријатен настан. Се разбира, не секој реагира еднакво на тажна музика, поради што треба да внимаваме кога ја препорачуваме на другите.

Подобра концентрација

Не е случајно што луѓето тренираат со музика, пишуваат со музика и работат канцелариска работа со музика, под услов нивните претпоставени да го дозволат тоа. Музиката им помага на многу луѓе да се фокусираат на работата што ја прават и ги прави поефикасни. Меѓутоа, постојат некои правила кога станува збор за користење музика за овие цели. На пример, се препорачува да пишуваме исклучиво со инструментална музика, да вежбаме јога со релаксирачка музика, а да трчаме со малку пооптимистички ритам.

Однесување на потрошувачите

Неколку истражувања потврдија дека музиката влијае на однесувањето на потрошувачите во продавниците, но и на гостите во рестораните. Кога е со побрзо темпо, потрошувачите остануваат помалку пред полиците во продавницата отколку кога е со побавно темпо, а угостителите пуштаат оптимистичка музика кога нивната цел е да имаат поголем проток на гости, бидејќи во таков случај нивните клиенти побрзо ги завршуваат своите оброци, пишува „Псајхолоџи тудеј“.