Пред десет години, Виена имаше 51 процент зелена површина, а неодамнешните мерења покажаа дека овој удел е зголемен и сега изнесува 53 проценти. Овој факт може да се припише пред сѐ на конверзијата на напуштените индустриски области во зелени површини. Во следните неколку години, Виена планира да изгради 13 хектари нови паркови и 150 зелени градски фасади за да го намали ефектот на урбаните топлински острови, што може да предизвика температурни разлики помеѓу центарот на градот и неговата околина до 12 степени. Проектот за зазеленување на фасадите е веќе во тек и ја враќа природата во градот и ги лади сивите улици. За таа цел, градот Виена и научниците го развија најновиот проект „Берта“, кој веќе е имплементиран во десет различни „метежни“ згради. Уредувањето се состои од издржливи корита на влакнест цемент со резервоари за вода и хранлива подлога. И во коритата се садат билки што растат по фасадата.

Градот Виена го субвенционира зазеленувањето на фасадите со трошок до 6.880 евра, па комплетно зазеленување на фасадата е возможно само со учество од 560 евра од граѓанин по корито. Со зазеленување на фасадите се добиваат почист воздух и позитивна микроклима. Температурите на зелените фасади можат да бидат до 13 степени Целзиусови пониски, што ја намалува и емисијата на јаглерод диоксид.
Зелената оаза станува и паркингот покрај виенскиот Нашмарк. Со своите 12.000 квадратни метри, овој паркинг не е само голема асфалтирана површина, туку и еден од најголемите термални острови во градот, а со тоа и голем проблем за климата на градот. Граѓаните на Виена се поканети да учествуваат во отворен дијалог и на тој начин да создадат основа за најдобро решение за пренамена на паркингот. На прашањето како да се излади жешкиот асфалт, покрај уредувањето, Виена веќе започна да создава места во градот каде што блескавиот градски асфалт се лади со вода. Еден таков систем за ладење е изграден во центарот на градот Шварценбергплац, а почна и работата на претворање на Талиастрасе во „Булевар на климата“. Поточно, тоа значи: 91 ново дрво, 120 нови места за седење, 21 место за разладување со водена пареа и 12 јавни чешми. Во секој случај, Виена покажува како градот може да се направи поднослив за живеење за време на големите горештини.