Мистериите на Помпеја

Античкиот римски град Помпеја, кој бил покриен од вулкански пепел по ерупцијата на вулканот Везув пред речиси две илјади години, е уникатно археолошко наоѓалиште што сведочи за животот и обичаите на граѓаните на една одамна изгубена империја.
Археологот Бетани Хјуз, која е и водителка на емисијата „Тајните на најголемото богатство на Помпеја“, посочи на едно посебно откритие – подот со мозаик на кој се прикажува куче со натпис на латински „Чувајте се од кучето“ (Cave canem).
Хјуз го нарече мозаикот едно од најпознатите уметнички дела што инспирирале милиони модерни примероци килими. Според неа, мозаикот има своја приказна, а начинот на кој е направен е исто така интересен, пишува „Дејли експрес“.

– Мозаикот е направен од стотици ситни камчиња и коцки, што укажува на тоа дека на целиот тим на квалификувани занаетчии му била потребна една недела за да го изработат. Секое парче е рачно сечено и вклопувано. Само погледнете како уметникот го прикажува ова страшно животно, користејќи мали црвени парчиња за устата. Тоа куче не било домашен миленик – неговиот поглед е фокусиран, а му се гледаат и забите. Тоа е навистина застрашувачко и е предупредување за секој што е храбар или премногу наивен да влезе во куќата непоканет – укажува Хјуз.
Таа напомена дека Помпеја била место каде што се случувале „многу кривични дела“ и дека луѓето генерално не излегувале навечер.

– Значи, тоа не е обична фантазија, тоа било општество каде што на секој агол демнел можен проблем. Мислам дека секогаш замислуваме дека Римското Царство било напредно и цивилизирано, но всушност постоел вистински проблем со уличниот криминал, речиси немало полиција, а познато ни е дека криминалот бил доста честа појава – истакнува археологот.

Истражувачите преку анализа на остатоците од кучето, кои останале заробени во градот за време на ерупцијата, го утврдиле „идентитетот на куче чувар“, споредувајќи ги нивните резултати со мозаиците.