Принцот Хари и Меган Меркл полека го комплетираат списокот на активности предвидени за годинава, кој вклучуваше и некои задачи преостанати од 2020 година.
Војводата и војвотката од Сасекс покренаа глобална дебата за расизмот по нивното интервју кај Опра Винфри, но допрва ги очекуваат нови предизвици во претстојната година, пишува „Њузвик“.

По серијата „препукувања“ Маркл ја доби високопрофитната приватна тужба со таблоидот „Мејл он сандеј“, а договорите на Меган и Хари со „Нетфликс“ и „Спотифај“ сè уште не вродуваат со плод.

– Се очекува дека 2022 ќе биде уште една голема година за парот, откако во 2020 година ја напуштија кралската палата, а годинава започнаа „трансатлантски напад“ против кралското семејство – пишува американскиот магазин.

Дејвид Фурниш, сопругот на Елтон Џон, ги здружи силите со Меган за да ја создадат анимираната серија „Перл“, во која 12-годишно девојче оди во авантури и запознава инспиративни жени од историјата. Со оглед на партнерството, многумина се прашуваат дали „Перл“ ќе се сретне со принцезата Дијана за време на нејзините патувања.

Првиот проект на принцот Хари насловен „Срцето на непобедливиот“, ќе ги следи натпреварувањата на игрите „Инвиктус“, на кои учествуваат повредени ветерани, а ќе се одржат во Хаг, Холандија, в година.

Принцот Хари започна со пишување на сопствената животна приказна, во која според неговите зборови, ќе бидат објавени детали „за неговите 37 години на Земјата, надвор од медиумите“. Објавувањето на мемоарите треба да се случи кон крајот на 2022 година и да понуди нова приказна за неговите искуства од кралскиот живот.

– Ова го пишувам, не како принцот кој сум роден, туку како човекот кој станав – беше наведено во соопштението на Хари за медиумите.

Кралските коментатори очекуваат Хари и Меган да добијат покана за прославата на платинестиот јубилеј на кралицата Елизабета Втора в година, за кога се планирани серија настани во текот на јуни. Па ако Хари и Меган се појават на забавата, тоа ќе биде нивно прво стапнување на британска почва откако го напуштија кралскиот живот. Сепак, поканата е само претпоставка, бидејќи и натаму постојат тензии меѓу Хари и Меган и кралското семејство.

 

Откако Меган ја доби својата приватна судска парница со таблоидот „Мејл он сандеј“, во 2022 година се очекува исходот од двете тужби што ги покрена принцот Хари за хакирање на телефоните, против весниците од „Мирор Груп“.