Шпекулациите дека авганистанската влада работи на закон со кој ќе им се дозволи на мажите да се загледуваат во жените само 14 секунди, предизвика реакции на потсмев на тамошните социјални мрежи.

Иако министерството за правата на жените негираше дека се подготвува таков закон, на шпекулациите дека казната за предолго загледување ќе биде 130 американски долари, многумина не можеа да им одолеат.

Самира Садат, корисничка на една од социјалните мрежи, сугерира девојките во иднина со себе да носат и штоперка.
Нејзин пријател како метода за избегнување на кршењето на законот предлага трепнување во 13 секунди зјапање.

Трендот стана вирален последните неколку дена, посебно на фејсбук, а се чини дека многу корисници погрешно мислат дека законот веќе е во сила.

Иако во пораките на социјалните мрежи има многу иронија, овие шпекулации го истакнуваат и длабоко вкоренетиот проблем на злоставување на жените на авганистанските улици.

Во оваа конзервативна земја жените редовно вербално и психички се злоставуваат кога ќе излезат од својот дом.