Многумина сметаат дека Корто всушност е лика и прилика на својот автор Хуго Прат, кој на морепловецот му го всадил сопствениот скептицизам во поглед на националните, идеолошките и религиозните идеи. Идејата за името на познатиот стрип-морепловецот тој ја добил гледајќи го филмот „Малтешки сокол“ на Џон Хјустон

Секогаш кога во текот на летните денови љубителите на деветтата уметност ќе се загледаат во морската шир или во некое друго големо водно пространство, несомнено помислуваат на Корто Малтезе, најголемиот морепловец во стриповите. Меланхоличниот осаменик во темносина униформа и со неизоставната морнарска капа на главата, симболот на слободен херој, кого желбата за патувања го води од авантура во авантура, на 10 јули наполни 53 или 133 години, зависи како сметате, објави Би-би-си.
Толку години поминаа откако Корто замина во својата прва авантура во стрип-албумот „Балада за синото море“, на италијанскиот стрип-автор Хуго Прат. Тој, всушност, вгради делови од себеси во овој лик, а Корто, според својот темперамент, продолжи да плови и по смртта на својот татко, соборец и сопатник на патувањата. Од стриповите, тој премина во анимирани филмови, го има на мурали во градовите, на постери во собите, крајбрежните ресторани и барови, во книгите за уметноста, во прозата, па и во тетоважите. А го засакаа и оние што не читале стрипови.

Но кој е, всушност, Корто Малтезе?

Иако на страниците на стрипот влезе нешто подоцна, роден е на 10 јули 1887 година во Валета, престолнината на островската држава Малта.
Како син на британски морнар од Корнвол и на Ромка од Севилја, Корто откри дека нема линија на судбината на својата дланка и затоа самиот ја врежа, користејќи го ножот на својот татко. Така младиот авантурист одлучи да биде кројач на својата судбина.
Многумина сметаат дека Корто всушност е лика и прилика на својот автор Хуго Прат, кој на морепловецот му го всадил сопствениот скептицизам во поглед на националните, идеолошките и религиозните идеи. Како и повеќето јунаци што талкале по светот во првите децении на 20 век, Корто се трудел да биде неутрален, каде и да стигнел, но инстинктивно им помагал на оние во неволја и на потчинетите. А кога светот се обликуваше на најчудни начини, Корто само сакал да биде слободен и патувал без некоја посебна цел. Всушност, колку што била целта поблиску, толку тој станувал помеланхоличен.
А каде патувал и кого сретнал во текот на своите авантури? Како и
другите стрип-херои од тоа време, сведочел за важни историски настани, рамо до рамо со клучните историски личности од тој период. Така, бил учесник во Првата светска војна на неколку локации, а бил дел и од Октомвриската револуција. Бил сведок и на раѓањето на фашизмот во Италија, ги почувствувал сибирскиот студ и влагата на Патагонија.

На страниците на познатиот италијански стрип се нашле: Џек Лондон, Ернест Хемингвеј, Херман Хесе, Џемс Џојс, Енвер-паша. Со некои од нив Корто станал вистински пријател, а повеќето од нив му останале должни. За тоа можеби најдобро сведочи епизодата „Златната куќа на Самарканд“, кога излегол само со еден телефонски повик. Зад другата страна на жицата бил Јосиф Висарионович Сталин.
Иако е роден во Романија, во 1927 година, Хуго Еугоенио Прат, како што гласи неговото полно име, пораснал во Венеција и, како и Корто, постојано бил загледан во морето. Како десетгодишник, со мајка си заминува во Абисинија (Етиопија), тогашна италијанска колонија, да му се приклучи на татка си, кој бил војник на Мусолини.
По ослободувањето на Етиопија, во 1941 година, неговиот татко го апсат и тој умира како воен заробеник една година подоцна, а Хуго со мајка му го носат во логорот Диредау. И токму таму кај Хуго се раѓа љубовта кон стрипот, купувајќи стрипови од чуварот. По краток период, со помош на Црвениот крст, ги депортираат во Италија.
Првиот стрип го објавува на 17 години во Венеција, а веќе во 1949 г. добива покана да работи за издавачката куќа „Едиторијал абрил“ во Буенос Аирес. Тогаш почнува стриповското патување на Прат. Во тој период тој го посетува Амазон и неколку години работи во Бразил, а повремено патува за Лондон.

Во Италија се враќа во 1967 година, кога го создава стрипот „Балада за синото море“, во кој првпат се појавува омилениот морепловец. Всушност, многумина веруваат дека Корто е оличување на номадскиот дух на Прат, лик во кој пренел голем дел од своите животни искуства. Освен тоа што е осаменик, Корто се интересира за древни цивилизации, за грчки митови и малку познати африкански приказни. Тој ги посетил Перу, Етиопија, Нова Гвинеја и Тахити.
Прат е автор на над 40 стрипа, меѓу кои, освен „Корто Малтезе“, се истакнуваат и „Пустинските скорпии“. На неговото творештво влијаеле светските класици, а оние што го познавале тврдат дека во библиотеката имал над 30.000 книги. Го инспирирале и филмовите на Френк Лојд и Ричард Брукс, а идејата за името на морепловецот ја добил гледајќи го филмот „Малтешки сокол“ на Џон Хјустон. Добитник е на голем број награди, а во Ајзнеровата куќа на славните е вклучен постхумно. Прат починал на 20 август 1995 година од рак.

Корто продолжи да плови и по смртта на својот татко

Авторите Рубен Пељехеро и Хуан Дијаз Каналес во 2015 година продолжија со објавување стрипови со Корто Малтезе. Досега овој тандем издаде три нови албуми, а приказните „Екваторија“ и „Под полноќното сонце“ се објавени и на Балканот.
Исто така, во 2002 година, според мотивите на стрипот „Корто Малтезе во Сибир“, е снимен и францускиот анимиран филм: „Во тајниот двор во Аркан“. Неговите приказни стигнаа и на оперската сцена. Операта „Корто Малтезе: балада за синото море“ имаше премиера во 2018 година на Малта. Се планира и снимање долгометражен филм што ќе го режира Кристоф Ган, а Корто ќе го глуми Том Хјуз, познат по својата улога во серијата „Викторија“.