Андреа Рид, шминкерка и моделка од Канада, е вистинска ѕвезда деновиве на интернет. Медиумите ги забележаа нејзините уметнички фотографии на Инстаграм, каде што оваа девојка објавува слики со вешто нацртани усни. Андреа на Инстаграм ја следат повеќе од 287.000 луѓе, кои редовно го коментираат нејзиниот талент за цртање и шминкање.
Андреа речиси секој ден црта на усните и ги споделува фотографиите со своите следбеници. Животни, цвеќиња и природа се само некои од мотивите што оваа девојка вешто ги слика. Вели дека наоѓа инспирација во сѐ што ја опкружува. Крава и лисица прецизно насликани на усни се дел од нејзините омилени цртежи. Но се инспирира и од природата, цвеќињата и небото. Од листовите на нејзиниот омилен чај, од музејот „Белведере“ во Виена, кога ја видела познатата слика „Бакнеж“ и уште многу мотиви.
Сликањето на едно вакво уметничко дело на нејзините усни трае од три до шест часа и еден час фотографирање. Потоа следува уредување на фотографиите. Оваа уметница вели дека уште од детството имала желба да направи нешто креативно и отсекогаш обожавала шминка, па решила да ги комбинира двете.
– Усните се моето платно и предизвик е да се направи нешто на нив. На луѓето им се допаѓа мојата креативност, па затоа и секој ден се трудам да насликам нешто интересно – вели Андреа.