Но како и секој друг режисер, ниту Тим Бартон не е имун на остри критики, особено кога станува збор за „Дамбо“, еден од најемотивните цртани филмови на „Дизни“ од 1941 година. Приказната за летечкото слонче до ден-денеска ги распарува срцата на гледачите, без разлика на нивната возраст, па сосема е природно очекувањата за овој филм да бидат многу високи

На одреден временски интервал Холивуд наметнува различни трендови во филмската индустрија. Па така, пред неколку години киносалите ги полнеа фанови на суперхеројски филмови благодарение на „Марвел кинематик јуниверс“ и „ДС екстендед јуниверс“, а во последно време, особено по успехот на „Книгата за џунглата“ (2016) од Џон Февро и „Убавицата и ѕверот“ (2017) од Бил Кондон, сведоци сме на сѐ почеста практика на продуцирање римејк-верзии од омилените цртани на „Дизни“.
Овогодишниот римејк на „Дамбо“ е во режија на Тим Бартон, кој е познат по својот специфичен мрачен стил на пренесување на фантазијата на филмското платно („Едварт Ножицоракиот“, „Алиса во земјата на чудата“, „Кошмар пред Божиќ“, „Свини Тод“, „Чарли и чоколадната фабрика“, „Мртвата невеста“, „Битлџус“ и многу други). Бартон и овој пат се здружува со веќе испробана и сигурна екипа, која ги вклучува Колин Фарел, Мајкл Китон, Дени де Вито, Ева Грин и Алан Аркин.

Но како и секој друг режисер, ниту Тим Бартон не е имун на остри критики, особено кога станува збор за „Дамбо“, еден од најемотивните цртани филмови на „Дизни“ од 1941 година. Приказната за летечкото слонче до ден-денеска ги распарува срцата на гледачите, без разлика на нивната возраст, па сосема е природно очекувањата за овој филм да бидат многу високи. Сценариото на Ерен Кругер, која воедно е и продуцентка на филмот, не ја следи оригиналната приказна до детали. Напротив, оваа верзија освен што во одредена мера си поигрува со она што ни е на сите веќе познато, нуди и дополнителни приказни, кои помалку или повеќе го ставаат емотивниот ефект на филмот под знак прашалник.

„Дамбо“ е снимен во карактеристичниот дух на Тим Бартон, кој успешно влева магија во секој детаљ видлив во кадарот. Филмот е обоен со мистичност и мрак, но воедно и исполнет со возбудливи сцени и смеа. Костимографијата и дизајнот на сценографијата веќе го бараат своето место помеѓу кандидатите за „оскар“ за следната година, а камерата и музиката не се ништо помалку воодушевувачки. Особено во моментот кога се слуша препознатливата песна „Бебе мое“, на која никој присутен во киносалите не успева да ги задржи своите солзи. Но и таа сцена е сменета, и тоа на начин што успева да разочара. Она што најмногу го осудуваат критичарите и гледачите од генерацијата која израснала со оригиналниот цртан филм „Дамбо“, е фактот дека освен будењето на носталгичните чувства и повременото успешно емотивно размрдување преку сцените што многу очигледно се снимени со таа цел, новата верзија на „Дамбо“ е далеку поплитка на емотивен план.

Ерен Кругер се обидува да вметне дополнителни приказни и ликови со цел да ја зацврсти идејата на филмот, но наместо тоа, таа ризикува голем процент од самата „душа“ на „Дамбо“, а тоа е токму емотивниот импакт. Со самото тоа што оваа верзија сега е многу поисполнета, она време за емотивно поврзување кое гледачот го имаше преку долгите сцени во оригиналниот „Дамбо“, тука е значително скратено. Дури и е безбедно да се каже дека дел од тие дополнителни приказни и ликови се сосема непотребни. Гледачите, кои веќе ја знаат приказната, знаат што се случува со слончето и знаат што е она што е тажно, но новата генерација што можеби за прв пат се запознава со Дамбо преку овој филм, го нема тоа чувство. Воедно, овој филм се обидува да изгледа што е можно пореално. Иако сите животни се анимирани, тие тука не зборуваат. А некои ликови, пак, кои се животни во цртаниот филм, во оваа верзија се луѓе, со цел да остане доследна до идејата за реалистичност. А тука мора да се спомене дека дизајнот на Дамбо, во однос на другите анимирани слонови, е малку сомнителен. Јасна е причината за одлуката да му се дадат крупни, влажни сини очи на слончето, тоа навистина успешно го постигнува ефектот на слатко и допадливо, но споредено со сѐ друго, несомнено отскокнува.

Во однос на кастингот, секогаш освежува да се погледне филм на Тим Бартон, кој излегува од својата зона на комфор и ангажира имиња кои не се Џони Деп и Хелен Бонам Картер. Но иронично, ликот кој го игра Мајкл Китон (иако секогаш одличен), речиси да го извикува името на Џони Деп, како да е напишан токму за него. Во секој случај, симпатично е да се видат „Бетмен“ и „Пингвин“ повторно заедно на платно. Преостанатиот дел од актерите ја извршуваат својата работа одлично, но малите Нико Паркер и Финли Хобинс се најверојатно најслабата алка.

Без разлика на сите недостатоци на „Дамбо“, ова е одличен и прекрасно снимен фамилијарен филм, кој нуди визуелно уживање, авантура и одлична порака. Малиот, сладок и невин Дамбо успешно се вгнездува во срцата на гледачите, а она што е многу појасно истакнато во овој филм е суровиот начин на кој животните се експлоатираат во забавната индустрија, а крајот на филмот на совршен начин ја пренесува позитивната порака за како тоа да се смени.