Наскоро ќе дојде до пресврт во филмската индустрија, бидејќи од Холивуд до Гана сѐ повеќе жени ќе седат на режисерското столче

Ако во САД, земјата предводник во производство на филмови, жените, според податоците, сочинуваат само 8 проценти од вкупниот број режисери, на што тогаш да се надева остатокот на светот? Но причини за радост, сепак, има. Истражувањата покажаа дека режисерките најчесто ангажираат и сценаристки, композиторки и костимографки, па може да се каже дека најчесто тоа се – женски филмови. Добар пример е глумицата Ева Лонгорија, која оваа година требаше да режира два филма.
– Со себе сакав да ги земам и моите пријателки, бидејќи се максимално професионални. Потоа сакав во филмовите да има повеќе Латиноамериканци. Не сакав несвесно да го игнорирам моето потекло, туку моите сонародници да ги ангажирам во филмовите – изјави Лонгорија.
Во текот на изминатите 92 години, колку што се доделува „оскарот“, само пет жени се номинирани во категоријата најдобар режисер. Кетрин Бигелоу ја освои златната статуетка за режија во 2010 година, за филмот „Катанец за болка“, кој говори за елитните војници ангажирани на демонтажа на бомби.

Од спикерка до режисерка на најгледниот нигериски филм

Низ светот постои тренд што од ден на ден ги зголемува оние 8 проценти во статистиките. Не само во Холивуд туку и во Боливуд и Ноливуд (етиопска фабрика за филм) има сѐ повеќе жени режисери. Така на пример „Сватови“, нигериски филм со најголема заработка, го режирала жена – Кеми Адетиба. Таа прво била спикерка на радио, потоа срамежливо ги објавувала своите музички ремикси на Спотифај, па преминала на телевизијата, како продуцентка, и по многуте успеси се запишала на филмската академија во Њујорк и научила како се работи со камера. Романтичната комедија „Сватови“ имала голем успех не само во Нигерија туку и во САД и во Канада, каде што премиерно е прикажана на Филмскиот фестивал во Торонто.
Во Кина жените режирале три од десетте најгледани филма во 2018 година, од кои еден на киноблагајните заработил 200 милиони долари. Низ целата земја има сѐ повеќе фестивали што им оддаваат почит на жените синеасти, а некои од нив всушност како примарна цел го истакнуваат женското филмско творештво. Филмот е доста моќен медиум во Кина и допира до луѓето, а режисерките сметаат дека доаѓаат нивните пет минути.

„Чудесна жена“ урива рекорди

Досега суперхерои беа Бетмен и Супермен, главно сѐ што завршуваше на мен (маж). Токму затоа охрабрувачки е што жените во Кина гледаат и филмови како што е научнофантастичниот хит „Чудесна жена“, во кој конечно има една суперхероина. Филмот го режираше Пети Џенкис, која оствари најголема женска заработка во деловен договор со компанијата „Ворнер брадерс“ во целокупната историја на американскиот филм. Се проценува дека обновата на договорот за „Чудесна жена 2“ би ја достигнала цифрата од 9 милиони долари.

Барбара Лоден со „Ванда“ го постигнува првиот поголем успех

Сепак, многумина се прашуваат зошто има толку малку жени режисери. Една од главните причини е тоа што тие немале свои идоли. Дури вториот феминистички бран доведе до тоа светот да го обвини Холивуд за омаловажување на талентот на жените, дека тоа е сексистичко и расистичко гнездо што се крие зад скапата шминка. Дури во 1960-тите години жените почнуваат да основаат еснафи, а раните филмови што ги режирале се засновале на лични искуства, особено кога се работело за сценариото.
Првиот поголем успех го постигнува Барбара Лоден, со филмот „Ванда“, во 1970 г. Таа го толкуваше и главниот лик, домаќинка од сиво предградие во Пенсилванија. Критичарите ја испофалија, пред сѐ поради убедливиот приказ на реалноста на животот на работничката класа.
Во тој период се јавува и идејата за феминистичка контракинематографија. Ја предводеше Сели Потер, која со „Орландо“ ја освои наградата на публиката на Венецискиот филмски фестивал во 1992 година. Германската режисерка Бригит Хајн тогаш со својот сопруг го снима филмот „Кали“, инспириран од хиндуистичката божица што се поврзува со сексуалноста.

По Кетрин Бигелоу, голем успех постигнаа Ен Флечер, која со „Патот на вината“ заработи 700 милиони долари, Кетрин Хардвик со слична заработка со „Самрак“ (2008) и „Црвенкапа“ (2011), Ненси Маерс, која со „Што сакаат жените“ (2000) инкасира 400 милиони долари. Тогаш се појави Софија Копола и го повтори успехот на Бигелоу. Во 2003 г. освојува „златен глобус“ и „оскар“ за филмот „Изгубени во преводот“. Џенифер Ли е корежисерка во „Снежното кралство“, кој освои „оскар“ за најдобар анимиран филм во 2013 г.
Со тактика на лобирање, големите студија, како „Воркинг тајтл“ и „Универзал“, се обврзаа дека во наредниот период ќе им овозможат на жените да работат на големи проекти, за да се поправат статистичките податоци.
Наскоро ќе дојде до пресврт во филмската индустрија, бидејќи од Холивуд до Гана сѐ повеќе жени ќе седат на режисерското столче. Доказ дека нештата се менуваат и е фактот дека годинава првпат во историјата на манифестацијата „златен глобус“, претходница на „оскарот“, во категоријата за најдобар режисер се номинирани три жени наместо една како досега. Така, во трка за награда се: Клои Зао („Номадленд“), Емереалд Фенел („Девојка што ветува“) и Реџина Кинг („Една ноќ во Мајами“).