Македонското еколошко друштво, во соработка со вработените од јавното претпријатие за стопанисување со повеќенаменското подрачје Јасен, на крајот на февруари успешно обележи со џипиес-околувратник млад мажјак од загрозениот вид балкански рис.
– За присуството на балканскиот рис во Јасен имавме податоци подолго време, но досега немавме среќа да му поставиме џипиес-околувратник на рис. Ова е првиот рис што ќе го следиме надвор од Маврово и околината, како подрачје каде што досега имаме потврда дека се размножува рисот. Се надеваме дека оваа единка ќе ни даде интересни информации за нејзиното хранење и движење во Јасен – изјави Диме Меловски од МЕД.
Рисот беше обележен од страна на тројца членови на нашиот тим, со поддршка на еден ловочувар од Јасен и двајца стажанти од Германија и од Франција. Фаќањето на овој рис е дел од полусистематската сесија за фотозамки, која покажа и присуство на уште една единка на рис, како и присуство на лисици, куни, јазовци, елени, срни, диви кози, диви мачки, волци и мечки.
Активностите за воспоставување мониторинг на рисот во Јасен се спроведуваат во рамките на проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“, во соработка со тимот на заштитеното подрачје, кој е финансиски поддржан од Европската Унија, а спроведен од УНДП, со поддршка на МЖСПП.