Секој сопственик ќе може на 31 декември во договореното време да го однесе својот миленик и да си го земе следниот ден, на 1 јануари

Домашните миленици ќе имаат пречек на Нова година во хотел. Многу сопственици што сакаат да ги поминат празниците надвор од дома ги оставаат своите миленици во хотел, но најново е што и за нив се организира пречек на Нова година. Сопствениците можат да ги остават на 31 декември, за новогодишната ноќ, и да си ги земат на 1 јануари, така што милениците ќе уживаат во ноќ приспособена и подготвена само за нив.

Идејата е на хотелот за миленици „Пет хаус“, а велат дека ќе стане традиционална. Предуслов за престој во хотелот е миленичето да има пасош, како доказ за здравствената состојба и сопственоста.

– Кога станува збор за новогодишната ноќ, и ние како сопственици на миленичиња сме се соочиле со два проблема. Првиот е моментот кога треба да го оставиме миленичето само дома, а ние да заминеме на прослава. Вториот проблем е кога ги гледаме уличните животни сами, гладни и снеможени на студот. Од таа причина решивме оваа година да започнеме со традиционалната хуманитарна Нова година за миленичиња.

Секој сопственик ќе може на 31 декември во договореното време да го донесе својот миленик и да си го земе следниот ден, на 1 јануари. Во понудата се вклучени грицки, изненадувања, постојана нега и грижа внатре во „Пет хаус“, каде што е секогаш топло и опремено со сѐ што е потребно за едно милениче (играчки, реквизити, креветчиња, огромен простор за игра и забава) и, што е најважно, хотелот се наоѓа на Водно, така што е во мирно место, далеку од петарди, огномети и градска врева. Она што нѐ радува е дека заинтересираноста е огромна – вели Ангелина Вељановска, сопственичка на „Пет хаус“.

Нивниот тим се приспособува според потребите на самите миленичиња.
– Во хотелот нема боксови и синџири, но иако се миленичињата пуштени слободно во објектот и во дворот, водиме особена грижа за да нема несакани инциденти помеѓу нашите гостинчиња и секое од нив да го приспособиме на начин на кој тоа е навикнато. Навистина ќе имаме настан и забава за паметење, кој се надеваме дека, почнувајќи од оваа, традиционално ќе се одржува секоја наредна година – додава Велјановска.

Заинтересираноста за ваквата новогодишна прослава е огромна.

– Среќни сме што и во Македонија сѐ повеќе се крева свеста за одговорно сопствеништво и за тоа колку љубов може да даде едно милениче, но и колку љубов треба да му биде подарена нему. Сопствениците имаат посебни желби и барања. Се трудиме апсолутно да е испочитувана секоја желба или барање на сопствениците, затоа што, нели, кога се работи за доброто на нашите најмили, компромис не смее да постои – ни сподели Вељановска.

„Пет хаус“ постои 11 месеци и ова е прв настан од ваков тип.

– Во текот на нашето работење имаме опслужено повеќе од четиристотини задоволни миленичиња, кои повторно ни се враќаат за да поминат квалитетно и убаво време во хотел, заедно со тимот што ги обожава. Обожавањето е заемно. Се надеваме дека ќе имаме одлична новогодишна дружба – велат оттаму.

Од досегашното искуство, милениците доста лесно се приспособуваат на амбиентот во хотелот.

– Навистина работиме на тоа да се почувствуваат како дома. Покрај престојот во хотел со другарчиња, игра, забава, нега, грижа и љубов, моментот кога ќе си ги видат своите сопственици е бесценет. Секако дека им недостига нивното семејство – велат од хотелот.

„Пет хаус“ функционира само како хотел за миленичиња, 90 отсто од средствата се одделуваат за помош на уличните.

– Оваа година решивме да започнеме со традиционалната хуманитарна Нова година, од која 100 отсто од профитот ќе биде употребен за помош на уличните животни – истакнуваат од хотелот.