Приматите на бразилските делови на Амазон најдоа начин да ја приспособат комуникацијата за подобро да се согласуваат со своите соседи. Мајмуните го користат „акцентот“ на другиот вид кога ќе влезат на негова територија, покажуваат резултатите од студијата.

Исто како што Британец што живее во Америка се обидува подобро да го разбере соговорникот во секојдневните контакти и го приспособува акцентот и изборот на зборови и изрази, исто така и мајмуните ја менуваат својата комуникација во однос на средината во која се наоѓаат, откриле истражувачите.

Истражувачите го забележале однесувањето на 15 групи од два вида примати, кои се приближно големи колку верверички, во бразилскиот Амазон: двобојни тамарини (Saguinus bicolor) и црвенораки тамарини (Saguinus midas).

Двобојниот тамарин е критично загрозен вид што се населува во областа околу Манаус, главниот град на бразилската федерална држава Амазонас. Овие мајмуни имаат црно лице без влакна, бело бушаво крзно на вратот и рамената и „наметка“ од бадемови нијанси на остатокот од телото. Црвенораките тамарини имаат раце и нозе во боја на ѓумбир и тело покриено со црно крзно, а нивното живеалиште е низ североисточниот дел на Амазон.

За разлика од луѓето, другите примати не користат различни јазици. Наместо тоа, тие имаат фиксен број „изрази“ на нивниот вокален репертоар што опфаќаат неколку контексти, како што се предупредувања за предатори и повици за парење.
– Тие не можат да научат нови вокални вокации – тврди авторот на студијата, д-р Џејкоб Дан, професор по еволутивна биологија на британскиот универзитет „Раскин“ во Велика Британија.

Споредувајќи снимки од акустичен профил или повици на два вида на три локации – места населени исклучиво со двобојни тамарини, црвенораки тамарини и области населени со двата вида – истражувачите откриле дека црвенораките тамарини ги прифаќаат криците на своите соседи.

– Мислиме дека причината што тие го прават тоа е што кога се во заедничка област знаат дека ќе се судрат околу ресурсите, бидејќи имаат слична храна, живеалиште и потреби. Потребен им е начин или крик со кој ќе се разберат со цел да ги решат територијалните спорови – цели Дан.

Како и да е, овие два вида практично зборуваат ист јазик, но мораат да го разбираат и меѓусебниот „дијалект“, додава биологот.