Компанијата „Фејсбук“ соопшти дека прекинала соработка со канадска фирма за консултантски услуги во политиката „Егригејт Ај-Кју“ откако е објавено дека е можно таа фирма на несоодветен начин да имала пристап до лични податоци на корисници на Фејсбук.

– Поради неодамнешни наводи дека е можно Егригејт Ај-Кју да е поврзан со Ес-Це-Ел и дека е можно како резултат на тоа, на несоодветен начин да добиле податоци за корисници на Фејсбук, ги додадовме на листата на ентитети со кои прекинуваме соработка додека трае нашата истрага – се вели во соопштение од Фејсбук.

Ес-Це-Ел е скратеница за фирмата Лаборатории за стратешки комуникации кои имаат догвоор со владата и армијата и сопственик е Кембриџ аналитика.

Според Кристофер Вајли, кој откри за потезите на Кембриџ аналитика, Егригејт Ај-Кју примале пари од групи за кампања за напуштање на Велика Британија на Европската унија пред гласањето за референдумот во 2016 година.