Маргаритис Шинас е „избран“ за претставник на ЕУ на „Евровизија“

„Еуобзервер“ се пошегува со Унијата по повод 1 април

Кога Европската Унија би имала право да учествува на изборот на песна на „Евровизија“, сигурно би предизвикала контроверзии со нумерата, па макар нејзина цел било кревање на моралот за време на пандемијата. Вака „Еуобзервер“ смета дека би изгледало учеството на ЕУ на „Евровизија“ во сатиричниот текст напишан по повод денот на шегата  – 1 април.

Во фиктивното сценарио за учеството на ЕУ на претстојното музичко натпреварување во Ротердам закажано за 1 мај, се „претставува“ првата песна на европскиот блок која ќе биде изведена на „Евровизија“ – насловена „The EU is Alive“ (Европската Унија е жива). А како изведувач е избран потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Шинас. Учеството на ЕУ потоа предизвикува бурни реакции од другите земји, и покрај тоа што целта на учеството на Унијата е кревање на моралот за време на третиот бран на пандемијата. Песната веднаш би предизвикала политички контроверзии, со што Велика Британија и Русија би се пожалиле за нејзината содржина, како што замислува авторот на текстот.

– Европската унија е жива со звукот на Европа. Европскиот начин на живот, е живот вреден да се живее, гласи дел од текстот на песната. За Велика Британија, тоа е „тврдокорна европска пропаганда“, изјави портпарол на британската дипломатија, додека за руското министерство за надворешни работи, песната е „чин на културна војна“ – се наведува во измислените реакции.

Наспроти лажниот скандал во написот на „Еуобзервер“, годинашната „Евровизија“ веќе ја следат неколку скандали, како што e дисквалификацијата на Белорусија минатиот викенд поради нејзината песна „I will teach you“, чиј текст се смета за политички, односно за очигледна закана од нејзиниот претседател Александар Лукашенко против демонстрантите во земјата.