Умереноста е важна и кај здравата храна, затоа што секогаш постои можност да консумирате премногу „добри работи“, без оглед дали станува збор за ореви, риба, листен зеленчук или цели зрна. Откриваме кои девет здрави намирници може да станат опасни ако се консумираат во прекумерни количества.

Бразилски ореви
За овие (големи) ореви се знае дека се најдобриот извор на селен, хемиски елемент што игра клучна улога во репродукцијата и е одличен сојузник на вашето тело во борбата против разни инфекции. Само еден бразилски орев може да ви обезбеди 90 мг селен, што е речиси двојно повеќе од потребното количество на ден. Повремено грицкање бразилски ореви е добро, но секојдневната потрошувачка може да ве изложи на ризик од труење со селен, што може да доведе до опаѓање на косата, проблеми со варењето на храната, невролошки проблеми, вртоглавица, па дури и срцев удар и откажување на бубрезите. За да избегнете можни проблеми, ограничете ја потрошувачката на неколку бразилски ореви неколкупати неделно.

Спанаќ, цвекло, блитва
Секоја од овие намирници е вистинска хранлива бомба, а содржи и големи количества оксалати, природни состојки што дејствуваат како пробиотици и ги хранат добрите бактерии што се наоѓаат во цревата. Меѓутоа, ако сте склони на камен во бубрезите, консумирањето храна богата со оксалати може само да ја влоши вашата состојба, бидејќи на бубрезите ќе им биде тешко да ги филтрираат овие состојки. Во тој случај, најдобро би било да избегнувате храна богата со оксалати или да консумирате алтернативи како зелка и карфиол.

Туна во конзерва
Конзервираната туна е прифатлива, практична и богата со протеини и важни омега-3 масни киселини. Сепак, во неа може да се најде и одредено количество жива, што може да го оштети нервниот систем кај малите деца и да спречи правилен развој на нивниот мозок. Во поголеми количества, живата може да биде опасна и за возрасните, но експертите сè уште не се сигурни колку конзерви туна треба да се јадат за да може навистина да се појават симптомите (вкочанетост, проблеми со видот и меморијата). Но ако сте бремени, доите или се обидувате да забремените, не консумирајте повеќе од една конзерва туна неделно.

Црвено месо, остриги, бел грав
Сите овие намирници се одличен извор на железо и играат клучна улога во доставувањето кислород до мускулите. И додека недостигот од железо може да ве направи слаби и уморни, премногу железо може да доведе до откажување на црниот дроб. Сепак, повеќето луѓе се борат со недостиг од овој минерал во организмот, така што предозирањето со железо е многу ретка појава, особено ако вашата храна е единствениот извор на железо. Но ако земате додатоци во исхраната (кои содржат и железо), би било добро да се консултирате со нутриционист за да ја балансирате вашата исхрана и додатоците што веројатно ги земате.

Кафен ориз
Сложените (здрави) јаглехидрати се синоним за здрава исхрана, но оризот е добар и во апсорпцијата на арсен, хемиски елемент што се јавува природно во почвата и водата. Кафениот ориз апсорбира дури и повеќе од овој тежок метал отколку што е случај со рафинираниот ориз. Познато е дека арсенот е канцероген, но експертите се согласуваат дека поради ова не мора целосно да го исфрлите кафениот ориз од вашата исхрана. Наместо тоа, консумирајте го повремено и вклучете и други цели зрна во вашата исхрана.