Оваа прва инклузивна балетска претстава на Балканот обедини над 200 учесници од различна возраст, а со учеството на лица со попреченост, кои ги толкуваа главните улоги, но и беа дел од ансамблот, ни покажаа дека и во вакви инклузивни бајки се случуваат чуда

И ние сакаме да покажеме што можеме, да слушнеме аплауз, да застанеме на голема сцена, да танцуваме, да пееме, да живееме со полни гради. И ние имаме желби и соништа, сакаме да победуваме, да ги премостуваме пречките, да ги избришеме разликите. Сето ова како да сакаа да ни го кажат учесниците на балетската претстава „Пепелашка“, единствена од ваков тип во регионот, чија премиера се одржа завчеравечер во полниот салон на МОБ.

Идеен творец на овој уникатен мегапроект е Катерина Јолакоска. Таа е авторка на сценариото, на кореографијата и уметничка директорка на претставата „Пепелашка“, што ја изведе балетското студио „Еурека“.

Оваа прва инклузивна балетска претстава на Балканот обедини над 200 учесници од различна возраст, а со учеството на лица со попреченост, кои ги толкуваа главните улоги, но и беа дел од ансамблот, ни покажаа дека и во вакви инклузивни бајки се случуваат чуда.

Целиот креативен тим во текот на подготовките беше сплотен, со многу љубов неколку месеци сите работеа тимски, одржуваа проби, соработуваа, менуваа во од. Целата таа позитивна енергија избликна на премиерата. А четворицата херои на вечерта: Марија Савеска (Пепелашка) Мики Стојановски (принцот) и Дени Жерновска и Јована Јовановска (пријателки на Пепелашка), иако се движеа на сцената со своите инвалидски колички, дадоа сѐ од себе, па и многу повеќе, за да бидат на висината на задачата.

Целата претстава ни за миг не загуби од динамиката, благодарение на вештата режисерска рака на Снежана Конеска-Руси, која и со својот глас беше присутна на сцената. И музичкиот избор се покажа дека е оној вистинскиот, а дел од песните, што ги пееја Марија и Мики, беа снимени во студиото на Кристијан Габровски. Во приказната нѐ воведе Ирена Спировска, а за целокупниот впечаток голем придонес дадоа и: кореографите Елена Чекова, Јана Лазарова, Иван Ангеловски и Теодора Јолакоска, стилистката Милена Танаскоска, дефектологот Јелица Салтирова, педагогот Даниела Кочијева и др. Со своите балетски точки се истакнаа и Теа Тодорова, што ја играш маќеата на Пепелашка, Елена Чекова и Стефани Кралевска, како нејзини сестри, поточно сите што беа дел од оваа балетска бајка.

Публиката, пак, која до последното место го исполни салонот на МОБ, уште од првиот миг ја почувствува магијата и со бурно ракоплескање ја наградуваше секоја точка. Имаше и моменти што измамуваа солзи, а тоа пред сѐ беа миговите кога Марија, Мики, Дени и Јована со невиден напор се трудеа да ги направат сите движења што се очекуваа од нив, кои долго и трпеливо ги вежбаа на пробите. И успеаја, како и децата и младите со аутизам и со Даунов синдром, кои беа дел од претставата.

А сите присутни во салата, барем за миг на животот погледнаа низ очите на овие мали-големи херои, за кои она што за сите нас е секојдневие и рутина се мечта, сон и илузија. Сфатија дека иако некои од нас се навидум различни, сите имаме исти желби и потреби, радости и таги, исти соништа, кои, еве, понекогаш стануваат реалност.

Десетминутниот бурен аплауз, букетите со цвеќе со кои беа опсипани учесниците, блицевите на фотоапаратите и на мобилните телефони, насмевките и солзите на крајот на балетската претстава „Пепелашка“ беа доказ дека инклузијата е можна и остварлива, а она што треба прво да го направиме е да си подадеме рака и да си дадеме шанса едни на други.