Продавач на книги во јужна Италија дава бесплатни книги на учениците кои ќе му донесат пластично шише и лименка за рециклирање. Мишел Џентиле, кој го отворил кафулето-книжарница „Екс Либрис“ во Пола, мало гратче во Салерно, за Си-ен-ен изјави дека сака да ги натера децата да читаат, а притоа да прават нешто корисно и за околината.

– Мојата цел беше да ја раширам љубовта кон книгите и да ги натерам оние кои не читаат да го сторат тоа, а притоа да прават добро и за околината. Се надевам дека оваа навика ќе се прошири во цела Италија. Тоа би било револуционерно, не само за планетата, туку и за образованието на децата – вели Џентиле.

Книгите кои се донирани за оваа иницијатива се т.н. „суспендирани книги“, а тој термин е директно поврзан со терминот од неаполитанската традиција „суспендирано кафе“, тренд појавен за време на Втората светска војна, каде во кафеана се плаќаат  две кафиња, од кои едно од нив е наменето како анонимен подарок за оној што не може да си овозможи да плати за кафе. Слично на тоа, посетителите на „Екс Либрис“ можат да платат за две книги, од кои едната е наменета за бесплатен подарок.

Идејата за размена на пластика и метал за книга Џентиле ја добил кога видел огромен куп со метален отпад оставен во некое поле.

– Вредноста на металот беше околу 450 долари, доволно пари со кои може да се платат книгите на еден ученик за цела година. Така, разговарав со вработените во локалното училиште и тие организираа собирање на лименки. Резултатот беше неверојатен, учениците собраа лименки кои имаа вредност од 560 долари за само два дена – вели Џентиле.

Со добиените пари од рециклирањето, Џентиле купил и им испратил книги на целото одделение кое прво се вклучило во рециклирањето на пластика и лименки.