Италијанецот кој речиси 30 години живее сам на напуштен остров во близина на Сардинија, властите во јануари следната година би можеле да го иселат.

Мауро Моранди(79) е неофицијален чувар и туристички водич на островчето Будели, дел од архипелагот Ла Мадалена, меѓу Сардинија и Корзика, познато по виолетовата плажа.

Поранешниот професор по физичко воспитување, кого италијанските медиуми го нарекуваат модерен Робинсон Крусо, се истоварил на островот во 1989 година со три пријатели и партнерка додека патувале кон Полинезија.

– Сакав да побегнам од ова општество што не го сакам и да заминам на напуштен остров во Полинезија – рече Моранди за Радио 24, при тоа додавајќи дека својата Полинезија ја пронашол на островот на кој се нашол.

На почетокот Моранди и неговото друштво ја презеле работата на дотогашниот чувар на островот. Неговата партнерка и двата пријатела наскоро се вратиле дома, додека третиот пријател останал и починал во 1993 година.

Во 2014 година островчето Будели стана дел од националниот парк Ла Мадалена и неговата управа најави дека ќе го урне она што Моранди го доградил на својот дом на островот.

– Во јануари ќе побараме од него да си замине – вели претседателот на управата на паркот Фабрицио Фонесу за весникот „Кориере дела Сера“, при тоа додавајќи дека ќе се обидат да пронајдат некаков вид на соработка со него во иднина.

На својата Фејсбук страница Моранди напиша дека не добил никакво известување за иселувањето, но јасно порача дека нема намера да се врати во родната Модена.

– Да го трошам времето играјќи карти во кафуле или куглајќи се? Тоа не е за мене – рече во интервјуто за весникот „Ил Ресто дел Карлино“.