Јануарското издание на италијанскиот „Вог“ ќе биде објавено без фотографија на насловната страницата и без фотографии во модните едиторијали. Одлуката ја донесе уредништвото на списанието. Наместо тоа, на насловната страница и во внатрешноста на списанието ќе се најдат илустрации. Ваквата одлука е донесена за да може изданието да се реализира без патувања, испраќање облека или загадување од каков било вид. Уредникот на италијанскиот „Вог“, Емануеле Фарнети, наведе дека со оваа одлука сакал да пренесе важна порака.

– Во глобалната дебата за одржливоста и вредностите што „Вог“ ќе се обиде да ги промовира во текот на следната деценија, има еден аспект што е особено важен за мене, а тоа е интелектуална искреност. Во нашиот случај, тоа значи да се признае дека постои значајно влијание врз животната средина што е поврзано со објавување на модното списание – рече Фарнети.

Фарнети објасни дека за да се издаде септемврискиот број на списанието биле ангажирани околу 150 луѓе, кои поради својата работа се качиле на 20 авионски летови и десетици пати патувале со воз. Тој, исто така, укажа на потрошувачката на електрична енергија, пластичниот отпад и големото количество фрлена храна, која била обезбедена за фотосесиите.

За илустрациите во годинашното прво издание, се ангажирани јапонскиот илустратор Јошитака Амано, сликарот со потекло од Мозамбик Каси Намода, и италијанскиот стрип-уметник Мило Манара.