Италијанската рок-ѕвезда Џана Нанини одлучи наредниот концерт, в четврток, да го одржи од дома, поради актуелната борба за сузбивање на коронавирусот, а нејзината публика ќе може да ја слуша онлајн преку социјалните мрежи.
Нанини на Инстаграм го привлече вниманието на животот на поединците во време на смртоносната епидемија.

– Страшната работа на овој вирус е осаменоста. Во Милано сум и сакам да изведам некои акустични рок-песни на мрежата, така што сите можеме да се чувствуваме малку поблиски едни до други, но и натаму да бидеме сигурни. Ќе дадеме сѐ од себе заедно да го надминеме овој грозен момент – напиша таа набргу откако Владата ги воведе ограничувањето на патувањата и јавните собирања низ земјата.
Лајвстримингот во Италија се претвора во социјален феномен, бидејќи ограничувањата стануваат сѐ поголеми.