Италијанските карабинери казнија 60-годишна жена од Рим, затоа што со тоа што ја изнела на прошетка својата желка, ги прекршила воведените правила за изолација, објавија локалните медиуми.
Според написите во медиумите, за разлика од неодамнешната приказна од југот на Франција, каде што еден маж шетал мачка на поводник, Италијанката едноставно ја изнела желката на воздух и шетала покрај неа.

Како што се наведува, карабинерите го забележале тоа на една од улиците во источниот дел на Рим. Откако го сослушале објаснувањето на жената, властите прошетката ја окарактеризирале како недозволена постапка.
Како што пишува италијанскиот весник „Коријере дела Сера“ во врска со овој случај, желката не е куче. Сопственичката на желката е казнета и по наредба на полицијата таа се вратила во својот дом.

Минатата недела, римските полицајци казниле друга жителка за слично прекршување на карантинот: таа изјавила дека одела да бара морков за својот зајак.
За потсетување, од 10 март во цела Италија беше воведен карантин и забрана за движење на граѓаните, освен во случаи на итна потреба. За прекршување на воведените мерки се предвидени казни до 3 илјади евра.