Низ светот со голема брзина се прифаќа новиот вирален предизвик наречен „трештаг“, кој заслужува пофалба. Најди депонија, исчисти ја и објави фотографии пред и потоа. Ако сакаш нешто да промениш, почни од твојот крај.

Предизвикот го смислил Бајрон Роман од Аризона. Тој на својот профил на Фејсбук под една фотографија што ја споделил, напишал: „Еве еден нов предизвик за сите млади на кои им е здодевно. Фотографирајте некое подрачје на кое му е неопходно чистење и одржување, а потоа сликајте го и кога ќе го исчистите и објавете го тоа.

Идејата толку им се допадна на луѓето и предизвикот само за неколку дена не само што беше споделен на социјалните мрежи и преведен на различни јазици, туку даде и резултати. Многу депонии и валкани делови на планетата брзо и ефикасно беа исчистени.

И навистина, има толку катчиња на кои им е неопходно итно разубавување, а тоа е должност на сите жители на планетата. Не мора да се оди премногу далеку, тие се насекаде околу нас, за жал, затоа да ги засукаме ракавите и да одговориме на предизвикот.

Во Македонија за предизвикот нема голем одек, но се надеваме ќе биде поттик и кај нас огромното количество ѓубре да се собере од некои локации.

Дотогаш, волонтерите на граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“, секојдневно имаат акции за чистење на Скопје.