Џулиа Еспосито, италијанска дистрибутерка

Филмот беше вистински ценет од критичарите, пред сѐ поради тематиката и поради земјата на потекло, затоа што ретко може да се погледне во нашите кина филм од македонска продукција, вели Џулиа Еспосито, сопственичка на италијанската дистрибутивна куќа „Лаб 80“

­Џулиа Еспосито е дистрибутерка на филмот „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески во италијанските кина. Таа деновиве е во Скопје. Вечерва, во 20 часот, во нејзино присуство, како и на режисерот, ќе се прикаже филмот „Исцелител“ во Кинотека на Македонија. Нејзиното гостување е во рамките на Неделата на италијански филм, организирана од Амбасадата на Италија во Скопје и воедно во состав на иницијативата на италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка „Создаваме филм – фаре синема“, сега веќе во своето второ светско издание, со цел промоција на италијанската филмска индустрија во светот и на односите на соработка со другите национални индустрии.

­Џулиа Еспосито

Колку проекции имаше „Исцелител“ во Италија и како беше прифатен филмот од публиката?
– Досега „Исцелител“ имаше над 90 проекции на 31 локација низ Италија. За мала дистрибутивна куќа како „Лаб 80“, која се занимава само со дистрибуција на оригинални верзии и независни авторски филмови ова е одличен резултат. Прифаќањето од публиката беше исто така многу добро, имавме одлични повратни информации и од публиката и од медиумите. Публиката беше љубопитна, се забавуваше.

Во кои градови во Италија „Исцелител“ имаше проекции?
– Рим, Милано, Фиренца, Мантова, Перуџа, Џенова, Сиена, Тренто, Катаниа, Болоња, Верона, Модена, Бергамо, Бреша, Комо и многу други помали градови.

Какви критики доби филмот?
– Речиси сите беа позитивни. Филмот беше вистински ценет од критичарите, пред сѐ поради тематиката, неговата приспособливост кон пошироката публика, поради земјата на потекло, затоа што ретко може да се погледне во нашите кина филм од македонска продукција. Горди сме на бројот на критики од авторитети што ги собравме, и за ова посебни заслуги зема пиар-соработничката Сара Агостинели, за нејзината неверојатна работа со главните весници, списанија, веб-страници, радио и телевизии низ цела држава, не само специјализирани филмски медиуми туку и печатот од општ интерес, така што филмот допре до многу голем број луѓе. Ние обично не ги промовираме многу филмовите, нашата цел е главно културна и добрите критики се многу важни, тие потврдуваат дека правиме нешто добро за кино-културата во нашата земја.

Како вам ви се допаѓаше „Исцелител“?
– Го изгледав „Исцелител“ за време на италијанскиот фестивал „Бергамо филм митинг“ и го проценив како многу јасен, кој упатува повеќе пораки, исто така е критичен и драматичен, без да ја губи ведрината и смешната компонента. Особено го почитувам деликатниот, истовремено многу вистинит, веродостоен портрет на комплексната врска татко – син. „Исцелител“ е автентично дело. Има баланс и структура. Може слободно да кажеме дека е добро направен рецепт. Филмот, всушност, го освои фестивалот. Сметам дека направивме добра работа со тоа што овозможивме негова промоција со цел да стигне до пошироката публика.

Кои сѐ филмови имале промоција во италијанските киносали?
– „Пред дождот“ од Милчо Манчевски во 1994 година и „Прашина“, од истиот режисер, во 2002 година. Веројатно има и други на коишто сега не се сеќавам. Но освен на фестивали, мислам дека не многу македонски филмови се прикажуваат во Италија со вистинска дистрибуција. Оваа година во Италија ќе биде прикажан и македонскиот филм „Бог постои, нејзиното име е Петруниа“, во дистрибуција на „Теодора филм“.

Која е целта на вашата посета?
– Поканета сум од Амбасадата на Италија да учествувам на Неделата на италијанското кино, ќе зборуваме за италијанското издание на „Исцелител“ со директорот Ѓорче Ставрески. Многу ми е мило и сум почестена за оваа покана, а секако и возбудена што првпат го посетив Скопје.

Какви филмови претпочитаат Италијанците?
– Работејќи на ова поле, јас би рекла – „кажи ми ти“. Шегата настрана, мислам дека ова е комплицирано прашање, бидејќи кината минуваат низ тешки времиња, се чини дека станува сè потешко да се привлечат луѓе во кината, има толку многу други начини за гледање филмови, а исто така има и многу добри серии. Филмските ентузијасти или професионалци можат да најдат многу одлични уметнички куќи, документарни и авторски филмови на разни видеоканали. Од друга страна, филмските фестивали се множат и собираат многу луѓе. Значи, постои широка и флексибилна публика. Ако зборуваме за што најчесто се оди во кино, би рекла дека Италијанците претпочитаат комедии.