Во случај на срцев удар секоја секунда е важна, што значи дека доцнењето на возилата на итна помош може да биде фатално.

Подолгото чекање на итната помош во руралните краеви е познат проблем во Америка, но и во другите земји во светот.

Студијата спроведена минатата година покажа дека пациентите кои живеат надвор од големите градови таква помош чекаат двојно подолго.

Но, новата студија во целиот проблем воведува уште еден фактор – богатството, односно сиромаштијата.

Научниците од Универзитетот во Сан Франциско ги истражиле реакциите на вработените во итната помош во 63.000 случаи на повици заради срцев удар. Посебно мереле колку време му е потребно на возилото на итната помош, од моментот на повикот до локацијата на пациентот, потоа времето од доаѓањето до заминувањето од локацијата, времето што поминало од моментот на напуштање на локацијата до болница и на крајот вкупното време потребно за дејствување на итната помош.

Резултатите биле фрапантни.

Имено, на диспечерите им биле потребни четири минути повеќе за реакција на повик од сиромашните делови во однос на оние побогатите, а севкупно на итната помош и требало 10 отсто повеќе време за излегување на терен во случај на повик заради срцев удар во сиромашните квартови.

– Како општество можеби веруваме и се надеваме дека јавните служби, како итната помош, еднакво им се достапни на сите, но нашите резултати покажуваат дека тоа не е случај, дури ни во потенцијално фаталните ситуации, како срцевиот застој – изјави Рене Хсиа, лекар во итната служба и професор на Универзитетот во Сан Франциско.